
Од денеска во функција ќе бидат ставени 60-тина приватни автобуси кои ќе го олеснат транспортот на скопјани, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при денешниот увид во градежните активности поврзани со проектот „Градски воз“.
– Кога се зборува и за јавниот транспорт, сакам да напоменам дека веднаш после овој настан имаме средба со приватните превозници. Како што најавив, од денеска ќе бидат ставени во функција 60-тина приватни автобуси, дополнително кои што ќе го олеснат транспортот на нашите сограѓани во градот Скопје, изјави Ѓорѓиевски.
Посочи дека Град Скопје ќе биде целосно логистички вклучен во процесот на воведување на „Градски воз“, со цел да се обезбеди синхронизација на возниот ред со автобускиот превоз.
– Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес, земајќи ги во предвид новите точки или станици, како што спомена директорот на ЈП Железници Инфраструктура Синиша Ивановски, ќе се адаптираме со ЈСП за да нема со часови или не знам, по половина час чекање од страна на граѓаните за да дојде возот, туку спрема потребите, односно во моментот кога ќе има потреба и ќе има воз на железничката постојка, тогаш ќе бидат адаптирани и автобусите од ЈСП да бидат достапни. На тој начин ќе понудиме реална и брза алтернатива за транспорт за нашите сограѓани, рече градоначалникот.
Според него, проектот „Градски воз“ ќе има особено значење за индустриските зони меѓу Драчево, Транспортен центар и Горно Лисиче, а еден од клучните приоритети останува и развојот на БРТ системот.
– Да најавам дека во ребалансот ќе влезе и БРТ системот, што значи дека она што го говоревме во кампањата, често пати и јас го говорев како кандидат, но и Претседателот на Владата во минатото го споменуваше истото, земајќи во предвид дека ако сакаме да влијаеме на решавање на сообраќајниот хаос поврзан со транспортот во нашиот главен град, ние треба да понудиме комбинација од неколку алтернативи кои што ќе помогнат на граѓаните да ги користат истите за да стигнуват од точка А до точка Б. Во комбинација со овие три работи кои што ги споменав, мислам дека за многу скоро време нашите сограѓани во градот Скопје ќе добијат конечно ефикасен, ефективен јавен транспорт како што заслужуваат, изјави Ѓорѓиевски



