
Процесот за изградба на клучката кај Момин Поток е целосно деблокиран и работите продолжуваат со засилена динамика. По подолг период на застој, повторно се реализира една од најзначајните сообраќајни точки во Скопје, крстосница која ги поврзува неколкуте најфреквентни градски сообраќајни правци.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска порача дека проектот влегува во забрзана фаза и дека клучката конечно ќе се движи напред со темпо какво што очекуваат граѓаните.
„Деблокиран е процесот за клучката кај Момин Поток и изградбата продолжува со забрзано темпо. По неколкумесечен застој, повторно се работи на една од најстратегиските сообраќајни точки во Скопје, место каде што се спојуваат неколку клучни градски правци,“ изјави Ѓорѓиевски.
Во тек е изградбата на атмосферска канализација Ф1200 на булевар „Никола Карев“ во должина од 550 метри — од мостот на Серава до булевар „Словенија“. Паралелно напредуваат и работите на новиот мост на Серава, кој ќе премостува три ленти во еден правец и четири во друг, со вкупна ширина од 44 метри.
Подготовките се во финална фаза и за натпатникот на булевар „8 Септември“, долг 43,5 метри. Тој ќе го премости булевар „Никола Карев“ и ќе ја поврзе кружната крстосница со новиот турбо кружен тек — важен елемент во целокупното сообраќајно решение.
Изградбата досега се одвиваше во сложени услови поради интензивниот сообраќај и нерешените имотно-правни односи, но како што истакнува градоначалникот, процесите се деблокирани и динамиката значително се забрзува.
Наскоро, овој сообраќаен јазол ќе обезбеди значително олеснување за илјадници граѓани — побрз проток, помал метеж и современа инфраструктура за модерно Скопје.
„Градот чекори напред. Заедно, Скопје ќе го направиме повторно горд град!“, порача Ѓорѓиевски.

