Утрински Весник
Свет

ОН: Половина од парите за пакувана вода би биле доволни за сите да имаат пристап до вода за пиење

ОН: Половина од парите за пакувана вода би биле доволни за сите да имаат пристап до вода за пиење

Половина од парите потрошени во светот за набавка на пакувана вода, чија потрошувачка буквално експлодира во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до вода за пиење, покажува новото истражување на Обединетите нации.

dobivaj vesti na viber

Доколку престанат да пијат вода од шишиња, потрошувачите исто така ефективно би придонеле за намалување на загадувањето со пластика имајќи предвид дека 85 отсто од овие шишиња завршуваат на депониите, се додава во извештајот.

Вкоренетите предрасуди силно влијаат на изборот на потрошувачите што да пијат, истакнуваат авторите.

„Тие веруваат дека пакуваната вода е поздрава“, објаснува Зејнеб Булел, шеф на студијата на ОН.

„Меѓутоа, покажавме дека тоа не е нужно точно, а покажавме и дека луѓето плаќаат премногу за таква вода, од 150 до дури 1.000 пати поскапа од литар вода од чешма“, вели научник од Институтот за вода, екологија и здравје при Обединетите нации со седиште во канадскиот град Хамилтон.

Загадувачи се пронајдени во стотици марки шишиња во повеќе од 40 земји и често ги надминуваат локалните и светските стандарди, се наведува во извештајот.

Во текстот се предупредува и на сериозен недостиг на регулативи за производство на шишиња. Се посочува дека владите не успеваат да бидат во чекор со галопирачкото проширување на тој сектор.

Две милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење, предупредува еден од авторите на студијата, Владимир Смахтин. Постигнат е одреден напредок, според студијата. Така, во 2020 година 74 отсто од светското население имало пристап до безбедна вода од чешма, што е зголемување во споредба со 62 отсто една година претходно.

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk