
На Меѓународниот ден на жената, Обединетите нации во Авганистан ја повикаа талибанската влада да ги укине тековните ограничувања наметнати на авганистанските жени и девојки.
ОН во соопштение ја повика и меѓународната заедница да преземе решителна акција за поддршка на зајакнувањето и иднината на авганистанските жени.
Според ОН, жените и девојчињата во Авганистан се соочуваат со системско исклучување од образованието, вработувањето и јавниот живот.
– И покрај тешките предизвици, авганистанските жени продолжуваат да ги водат, градат и поддржуваат своите заедници. Тие обезбедуваат здравствени и услуги за заштита кои спасуваат животи, водат бизниси и граѓански организации и неуморно се залагаат за нивните права – изјави Роза Отунбаева, шефица на дипломатската мисија на ОН во Авганистан.
Таа истакна дека враќањето на правата на авганистанските жени на образование и вработување во голема мера ќе го подобри нивниот живот и позитивно ќе влијае на иднината на Авганистан.
Алисон Давидиан, специјална претставничка за ОН Жени во Авганистан, додаде: „Не можеме да прифатиме иднина за авганистанските жени и девојки што никогаш не би ја толерирале за жените на кое било друго место“, пренесе ДПА.
Во меѓувреме, Забихула Муџахид, главниот портпарол на талибанската влада, рече дека владејачката група ја презела целосната одговорност за одржување и заштита на правата на авганистанските жени во согласност со исламскиот закон и културните и традиционалните практики на авганистанското општество.
Од враќањето на Талибанците на власт во 2021 година, на авганистанските девојчиња им е забрането да учат после основното училиште, одлука што Талибанците првично ја нарекоа „привремена суспензија“, иако оттогаш не се направени никакви промени.
Покрај тоа, од авганистанските жени се бара да имаат машки старател кога патуваат на долги растојанија и се исклучени од повеќето државни работни места.
Групата негираше дека вовела целосна забрана за женските активности, посочувајќи на речиси 9.000 работни дозволи издадени на жени и тврдејќи дека многумина се дел од работната сила во Авганистан.