
Новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека очекува околу 60 автобуси на ЈСП деновиве да се вратат на скопските улици.
– Веќе разговараме со дел од стручните служби на ЈСП Скопје, што не го опфаќа директорот и раководството за кои во изминатиов период видовме дека нивниот капацитет како да не постои односно, дека е деструктивен за претпријатието и за јавноста. Ќе бидат итно преземени чекори во насока на адаптирање на сите автобуси кои со месеци стојат неисправни – рече Ѓорѓиевски.
Утре, Ѓорѓиевски ќе има средба и со претставниците на приватните превозници кои го опслужуваат јавниот градски сообраќај во Скопје со кои ќе се договара како зимава студентите, учениците и другите граѓани да не мрзнат на постојките.
– Веќе утре ќе имам состанок со сите приватни авто-превозници и околу 60-тина автобуси ќе бидат пуштени во оптек. Тоа во првиот момент ќе го нормализира транспортот за да не дозволиме, оти доаѓа зима, студентите, средношколците, граѓаните и повозрасните лица да чекаат на ред за автобусите и да ја поминуваат голготата што беше во изминатиот период – рече Ѓорѓиевски по примањето на уверението за градоначалник.
Тој најави и брза ревизија во работењето на јавните градски претпријатија.



