Кривичниот суд Скопје за Алсат потврди дека го прифатил предлогот на Обвинителството за одземање на пасошот и обврската да се јавува во суд за Артан Ајрули, сопственикот на фирмата „Ритрон Копи“ од Куманово, кој заедно со поранешниот директор на Државна лотарија , кој е во бегство, Перарим Бајрами се осомничени за местење тендери при набавка на телевизори, печатачи, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на Државна лотарија. Обвинителството истражува вкупно шест постапки за јавни набавки на овие уреди, кои според обвинителството не биле доставени според потпишаниот договор.
Случајот е отворен по пријава од Финансиската полиција, за вкупно 4 физички и едно правно лице и тоа токму за фирмата „Ритрон Копи“. Во извештајот на финансиската полиција се и директорите за комерцијални работи и за ИТ технологија, но од Обвинителството за Алсат потенцираат дека во моментов постапката е започната само за Бајрами и Ајрули, додека истрагите продолжуваат за другите два.
Од коалицијата ВЛЕН посочуваат дека вчерашниот случај ја демаскирал мрежата што ја создадоа Артан Груби, Перпарим Бајрами и Елми Азири, за кои претходно обвинија дека се блиски со членови на семејството на сопственикот на „Ритрон Копи“.
„Вчера беше разоткриена мрежата што ја создадоа Артан Груби од црната листа, Перпарим Бајрами и Елми Азири, кои очигледно служат како мост меѓу дотичниот клан и сопственикот на компанијата „Ритрон Копи“, Артан Ајрули“, рече Фатмир Сабриу, ВЛЕН.
„Овој корумпиран клан ги искористи јавните позиции за да се фаворизира и да го ограби буџетот што им припаѓа на граѓаните. Само во еден случај штетата на државниот буџет, народни пари, достигнува страшна бројка од 6,7 милиони денари“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека истрагата за злоупотреба во Државна лотарија ќе се прошири откако ќе има основани сомнежи.
Една недела откако беше ажурирана црната листа на САД, Обвинителството отвори случај за злоупотреби во Државната лотарија. Според обвинителството, Груби од позицијата поранешен вицепремиер, заедно со директорот Перпарим Бајрами, се првите двајца осомничени за злоупотреба од над 8,2 милиони евра, откако купиле ВЛТ уреди иако немале законско право. Штетата во Државна лотарија, според владините претставници е многукратно поголема од 8 милиони евра.
Еден ден пред да биде извршен претрес во неговата куќа, Груби побегнал од Македонија во Косово и се уште не се знае каде се наоѓа. И Бајрами останува недостапен за органите на прогонот. Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница.
Извор: Алсат.мк