Утрински Весник
Македонија

Одржана втората седница на Советот за безбедност

Foto 1 2.jpg

Денеска во Кабинетот на Претседателката се одржа втората седница на Советот за безбедност.

На седницата со која претседаваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.


На покана на претседателката Сиљановска-Давкова на втората седница на Советот за безбедност учествуваа и реферираа: директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

На дневен ред на седницата беа следните точки: информирање и размена на мислења за безбедносните дилеми во светот и нивното влијание врз безбедносната состојба во регионот и земјата; климатските промени и пожарите; размена на ставови за македонската евроинтеграција по извештајот на Томас Вајц.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателката Сиљановска-Давкова по завршувањето на втората седница на Советот за безбедност.

На денешната седница присуствуваа сите членови на Советот за безбедност, освен министерот по положба за надворешни работи и началникот на Генералштабот заради патување во странство.

Точки на дневен ред на втората седница беа: прво, информирање и размена на мислења за безбедносните дилеми во светот и нивното влијание врз безбедносната состојба во регионот и се разбира во земјата, понатаму, климата и пожарите со кои се соочуваме дома, во регионот и во Европа и пошироко и се разбира третата точка се однесуваше на размена на ставови, мислења, информации за евроинтеграцијата по она што се случи во Европскиот парламент, односно по донесувањето на резолуцијата за нас. Седницата траеше повеќе од два и пол часа, имаше бурна дискусија, воведни излагања за првата точка за безбедносните дилеми, имаа директорката на Агенцијата за разузнавање и директорот на Агенцијата за национална безбедност.

Се разбира дека по другите точки, исто така имаше воведничари за климата и пожарите, посебно излагање имаше професорот Владо Спиридонов, експерт во оваа област. Тој нѐ информираше за состојбите, меѓутоа денеска премиерот информираше за активностите што ги превзеле и активностите што ќе ги превземат, вториве се системски, првиве се како да се справат со кризата врзана, зборувам со пожарите кои што настануваат. Во врска и со првата и со втората точка, излагање имаше и министерот за внатрешни работи. Во поглед на третата точка, исто така се вклучија повеќемина во дискусијата.

Како што знаете, Советот за безбедност е тело што предлага, Советот за безбедност е тело кое што дава препораки и ние по сите три точки посегнавме по препораки и по евентуални иницијативи. Накусо, кога се во прашање безбедносните дилеми во светот, јасно е дека тие ја засегаат секоја држава, па и нас, го засегаат и регионот, можат да имаат и импликации врз регионот. Но, од воведните излагања и од дебатата, заклучокот беше дека сепак регионалната безбедност е стабилна, во земјава дека е стабилна и под контрола и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми. Главно се говореше за состојбата во регионот, на она што се случува во Босна и Херцеговина, каде што честопати слушаме сецесионистичка реторика, понатаму политичката состојба на Косово, како што знаете, една институционална криза заради неможноста да се конституираат органите и се разбира, состојбата во соседна Србија, каде што исто така има низа сериозни проблеми. Меѓутоа, реков од аргументите, од податоците, заклучокот е дека сепак и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба. Се разбира дека во поглед на она што се случува на Блискиот Исток, неподелени беа ставовите за потребата од мир.

Јас тука не можам да кажам дека имаме сигурни гаранции за тоа, бидејќи, како што знаете, преговорите се во тек, па се прекинуваат. Честопати јас самата велам дека очекував поангажирана, поактивна организација на Обединетите Нации, која што, за жал, е маргинализирана. Што се однесува до климата, климатските промени и пожарите, да, не само ние, туку и регионот е соочен со пожари. Она што е загрижувачко е, меѓутоа, се разбира, се е во предистражна постапка, дека голем дел од пожарите не се заради високите температури, туку дека има основано сомнение дека се намерно предизвикани. Меѓутоа, се разбира, се додека се работи за предистражна постапка, тоа се само претпоставки.

Од владата информираа за системот на кој што работат, систем на превенција, преку кој што со помош на камери, па дури и дронови, точно би се лоцирале опасностите, па и извршителите. Изложија низа мерки што во иднина ќе ги имплементираат, од промена на законот за справување со кризи, за да се оневозможи паралелно постапување, за да се овозможи еден систем, па до ангажирање на волонтери, на фактот дека денеска ние веќе сме оспособиле низа од друг модел или друг тип на возила кои можеби до вчера биле за воени цели, меѓутоа денеска се употребуваат на теренот. Се разбира дека кога е во прашање предвидувањето, мојот претставник презентираше билтени, тие можете веројатно и сами ги пратите, веќе се изработуваат билтени што се испраќаат до владата и другите институции за очекуваните промени врз основа на пресметки, математички се разбира и со помош на податоците. Тоа навистина мислам дека е одличен чекор. Денеска исто така беше предложен и еден нов проект – Современ интегрален информативен систем за временски непогоди кај нас. Мислам дека со помош на вештачката интелигенција, со помош на пресметките навистина однапред можеме да предвидиме низа ситуации.

Ако е за утеха, аргументацијата е дека ако минатата година температурните шокови биле многу повисоки од годинава, сепак сега има можност за предвидување, токму заради тоа што сите органи редовно добиваат информации преку факултетот ФИНКИ, преку група на експерти за клима и за климатска акција и добиваат однапред податоци за тоа што може да се случи во иднина. Значи, заклучокот би бил дека пожарите се под контрола во моментот. Тоа не се должи само на домашниот ангажман на институциите, кои што се координирани. Претпоставувам знаете дека и војската е ангажирана во овој процес и во голем степен помага, но исто така имаме помош и однадвор, а се разбира и европска помош и тоа навистина ги подобрува состојбите. Останува само онаа дилема – што со намерно предизвиканите пожари и предизвикувачи, и јас реков дека освен таа информација, јас не можам повеќе да зборувам за тоа, додека навистина нема постапки и докази.

Кога е во прашање состојбата со евроинтеграцијата,  основниот заклучок е дека имаме реформска агенда и имаме план за развој. Треба да се држиме до она што е најважно, до Копенхагенските критериуми и најпрво она што е основен тест за сите – тоа е владеењето на правото.

Се укажа на пакетот закони, изработен од страна на Министерството за правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и така натаму.

Понатаму исто така се спомена и Законот за правична и соодветна застапеност, зошто го споменувам, затоа што тенденција на Министерството за правда е да ги праќа законите на мислење на Венецијанската комисија, што не го правевме често во претходниот период. Зошто е тоа важно? Да потсетам, според променетата или изменетата методологија, не е критериум или услов само хармонизацијата на нашата легислатива со европската, туку и ефективното спроведување на законите и мислењата на, тука, на Венецијанската комисија и на ГРЕКО. Тоа е што се однесува до евроинтеграцискиот процес. Се разбира, сите дискутанти укажаа на очекувањето и важноста на извештајот во ноември, обично нели, што го добиваме за напредокот, и јас, па и други, укажавме на потребата од активност на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, бидејќи во него членуваат, не само пратеници, туку и претставник на МАНУ, претставник на невладините организации, тоа е многу важно. Зошто? За да градиме ние единство некакво, да се разбираме и да доаѓаат критиката и предлозите навреме, за да може, навистина, легислативата да биде по европска мерка, оти пост фестум е доцна. Истото важи и за Комисијата за европски прашања, таа треба да биде многу поактивна или активна, за да може, се разбира, да ги анализираме состојбите, а исто така и за да може да одговориме на забелешките што ги дава Европската Комисија за напредокот на државата во сите области. Тоа е накусо она, за што зборувавме денеска.

Можете да прочитате

Меџити: Ја напуштам Владата, тргнува во битката за Чаир

Делегации на СДСМ за Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце

На „Табановце“ се чека околу 45, на „Богородица“ околу 30 минути