
Во продолжението на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши излезе со сериозни забелешки за начинoт на кој биле издавани лиценците за работа на објектот. Бранителот Еленко Миланов пред судот истакна дека Бектеши воопшто не ги потпишувал документите, тврдејќи дека сите дозволи во неговиот мандат биле издадени со факсимил, објави Скопје1.мк.
„Издадените лиценци во периодот од 2018 до 2022 година се издадени со факсимил на Крешник Бектеши. Ова значи дека не постои ниту еден потпис на лиценца од него. Најмалку за една од овие лиценци ќе докажеме дека е издадена на датум кога тој не се наоѓа во Република Македонија,“ рече Миланов, најавувајќи дека доказите ќе го поткрепат ова тврдење.
Одбраната дополнително објасни дека во Министерството за економија имало овластени службени лица кои го користеле факсимилот во редовни постапки, а министерот не ги проверувал документите лично. Според Миланов, Бектеши неправедно се врзува со правниот тек на процесот: „Крешник Бектеши стои во ова како дел од каузалитет, но без конкретни дејствија.“
Покрај тоа, адвокатот ја оспори тезата дека дискотеката не смеела да работи, наведувајќи дека законската регулатива ја дозволува угостителската дејност во деловни, а не само во станбени објекти.
„Законот е дециден – угостителска дејност може да се врши во деловни објекти. Единственото ограничување за кабаре или дискотека е тоа да не биде во станбен објект. Овој објект не е станбен,“ додаде Миланов, упатувајќи дека формално-правните услови биле исполнети.
Одбраната го насочи фокусот и кон Државниот пазарен инспекторат, нагласувајќи дека токму ДПИ е надлежната институција која проверува минимално-технички услови, а не Министерството за економија. „Министерството за економија нема ниту инспекциска служба, ниту овластување за надзор. ДПИ е тој што проверува дали се исполнети минимално-техничките услови,“ рече Миланов.
Крешник Бектеши, кој ја водеше економијата од февруари 2018 до февруари 2022 година, се соочува со обвинение за „Тешки дела против општата сигурност“ во рамки на процесот за трагичниот пожар.

