Утрински Весник
Македонија

Одбраната бара Шутка по жалбите за условите но Деко засега останува во затворот во Куманово

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.09.14.jpeg

На денешното рочиште за случајот со трагедијата во кабарето „Пулс“ во Кочани, каде во пожарот загинаа 63 лица, се отвори прашањето за условите во кои се наоѓа притворениот сопственик на објектот, Дејан Јованов.

Неговата адвокатка Ивана Коцевска го извести судот дека одбраната добила усно одобрување од затворот во Шутка дека постои можност Јованов да биде преместен таму, бидејќи има капацитет и безбедносни услови за прием на притвореници.


Сепак, обвинителството во судницата прочита известување од затворската управа во Куманово, во кое се наведува дека по изјавите на одбраната дека Јованов бил изложен на нечовечки и деградирачки третман, бил извршен разговор со него. Според управата, Јованов изјавил дека нема никакви забелешки за односот на службените лица.

Во дописот било наведено дека тој имал забелешка само во врска со душекот во келијата и за тоа што претресите се вршат почесто.

Од управата на затворот посочиле дека претресите се редовна процедура која се спроведува кај сите затвореници, особено по информации дека во просториите може да има недозволени предмети, како мобилни телефони.

„Во врска со добиените сознанија дека Јованов се жали за нечовечко и деградирачко однесување од службените лица во затворот Куманово, извршен е разговор со него. Тој посочи дека нема никаква забелешка за односот на службениците. Имаше забелешка само во врска со тоа што му е сменет душекот и дека претресите се вршат почесто. Нема услови да му се донесе специјален душек. Претресите се вршат редовно и кај сите затвореници, а особено по информации дека има недозволени средства, особено мобилни телефони“, се наведува во известувањето прочитано во судницата.

Од управата апелираа во иднина да не се земаат предвид, како што наведоа, паушални обвинувања кои не се поткрепени со факти, бидејќи тие можат да влијаат врз угледот и интегритетот на установата.

Од она што можеше да се заклучи во судницата, Јованов засега останува во затворот во Куманово, иако неговата одбрана тврди дека добила усно известување од притворот во Шутка дека има услови за негово преместување.

Адвокатката Коцевска се обиде да објасни дека е нормално од затворската управа да излезат со вакво соопштение и дека мобилниот телефон кој бил пронајден не бил на име на обвинетиот. Во тој момент од дел од присутната јавност се слушна коментар: „И ‘Пулс’ не беше на негово име“.

Коцевска се обиде да ја презентира и медицинската документација поврзана со здравствената состојба на Јованов, наведувајќи дека тој претходно имал сериозна операција. Сепак, судијката ја прекина и посочи дека медицинската документација треба да биде доставена директно до затворската управа во Куманово.

Можете да прочитате

Зајкова: Колку жени уби молкот на институциите

Одбраната побара спојување на постапката за пожарот во „Пулс“ со новиот обвинителен акт против 13 полицајци

За 48-часа продолжен притворот за сопругот на мајката која почина со својата ќерка по пад од зграда во Карпош