
Бугарија утре, 1 јануари 2026 година, официјално ќе го воведе еврото како законско средство за плаќање, со што националната валута левот „ќе замине во историјата“.
Поради оваа промена, властите предупредуваат дека за време на новогодишната ноќ може да дојде до технички застои во банкарскиот систем и во плаќањата со картички. Плаќањето со платежни картички и подигањето готовина од банкомати временски нема да биде можно, поради што граѓаните и посетителите се советуваат да имаат доволно готови пари.
Банкарските системи во Бугарија ќе бидат технички ресетирани во новогодишната ноќ. ПОС-терминалите во продавниците и рестораните привремено ќе бидат надвор од функција, а банкоматите нема да издаваат готовина ниту да примаат картички.
Прекинот ќе трае приближно од 21:00 часот на 31 декември до околу 01:30 на 1 јануари, по што системите постепено ќе се вратат во нормална работа – но со новата валута, еврото. Курсот на конверзија е фиксен: 1 евро = 1,95 лева.
Со воведувањето на еврото, Бугарија станува 21. членка на еврозоната и добива место во Советот на гувернери на Европската централна банка, што ѝ овозможува директно учество во носењето одлуки за монетарната политика.



