Утрински Весник
Македонија

Обвинителството отвори постапка за фалсификати во Чаир – Арсовска обвинува за урбанистички криминал и организирана банда

502484923 1253845856750622 9072076376705495130 n.jpg

Основното јавно обвинителство Скопје ја започна првата официјална постапка по пријава за фалсификувани документи поврзани со градби во Општина Чаир, информираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку својот фејсбук-профил. Таа откри дека случајот се однесува на сомневања за фалсификување на документација со цел незаконска легализација на објекти и го поврза директно со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

„Обвинителството постапува по првата пријава за фалсификати, а во тек се уште две постапки што се водат претходно – едната за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а другата за уште еден случај со дополнителен соучесник“, напиша Арсовска.


Градоначалничката повторно го обвини градоначалникот на Чаир и општинската администрација за, како што рече, организирана криминална шема која овозможува изградба на небезбедни згради со средства од нелегални извори. Според неа, тие згради биле запишувани на имиња на лица кои наводно граделе со години, а денес се милионери.

„Станува збор за организирана криминална банда во Општина Чаир. Со црни пари се градат дивоградби и се загрозува безбедноста на граѓаните. Очекувам и Обвинителството за организиран криминал да се вклучи во истрагата“, порача Арсовска.

Таа потсети дека уште во мај годинава извршила теренска обиколка на неколку спорни локации во Чаир каде што, според неа, се гради незаконски. По таа обиколка, ги предала сите релевантни докази до Обвинителството, со барање за итно постапување.

„Апелирам итно да се приберат доказите од Општина Чаир, затоа што постојат информации дека дел од нив се уништуваат со цел да се сокрие криминалот“, предупреди Арсовска.

Градоначалничката нагласи дека Град Скопје нема да дозволи урбанистичкиот криминал да се шири под покровителство на институционален молк, и ги повика сите надлежни органи да реагираат без одлагање.

Случајот дополнително го вжешти политичкиот амбиент меѓу општините во Скопје, а јавноста очекува институциите да се произнесат за наводите и обвиненијата за урбанистички криминал.

Можете да прочитате

Кривична пријава против три лица за нелегална сеча во ЈУ Национален парк Маврово

СДСМ: Што ќе правите кога ќе ги промовирате сите проекти на СДСМ, патот Фариш-Дреново беше 90% направен

(Видео) Филипче: ВМРО ДПМНЕ  ја става Македонија во заложништво на други држави