
Судењето против Стојанче Јовановски влезе во суштинската фаза, откако судот не го прифати неговото делумно признание на вина, оценувајќи дека исказот е контрадикторен и недоволен за процесно скратување на постапката.
Обвинителката Адела Бојчевиќ остро реагираше на настапот на обвинетиот, оценувајќи го како „чиста манипулација“ со цел избегнување на кривична одговорност. Таа потенцираше дека признанието на вина мора да биде доброволно, јасно и без присила – услови кои, според неа, не биле исполнети во судницата.
Јовановски изјави дека се чувствува виновен за телесна повреда и загрозување на сигурноста, но не и за делото наведување и помагање во самоубиство. Во продолжение тврдеше дека бил под притисок да признае вина и се обиде дел од одговорноста да ја префрли врз Мартин Саздов, што дополнително ја засили контрадикторноста во неговиот исказ.
Поради тоа, судот одлучи да не го прифати признанието, а постапката продолжи со изведување докази, отворајќи ја клучната фаза на процесот. Во фокусот сега е прашањето дали обвинителството ќе успее да докаже дека долготрајното психичко и физичко насилство, заканите и контролата врз Ивана Јовановска создале состојба на страв и безизлезност што довела до трагедијата на 2 март.
Според обвинението, Јовановски подолг период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата – ја тепал, омаловажувал и ѝ се заканувал, дури и во присуство на нивната малолетна ќерка, заканувајќи се дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето.
Обвинителката Бојчевиќ истакна дека предметот го води уште од самиот увид и дека обвинението се темели на обемен доказен материјал собран веднаш по настанот. Таа нагласи дека процесот нема да се води преку емоции, туку врз основа на факти, сведоштва и материјални докази.
Тежината на случајот дополнително ја засили и сведочењето на мајката на Ивана, која пред судот говореше за насилството, стравот и траумите низ кои минувало семејството. Со тоа, судењето уште на самиот почеток покажа дека вниманието нема да биде насочено само кон трагичниот настан, туку кон целиот континуитет на насилство што му претходел.
По одбивањето на делумното признание, обвинителството испраќа јасна порака – случајот нема да заврши со обиди за префрлање вина, туку ќе се води до крај низ целосна доказна постапка.


