На Клиниката за детски болести комплетно е реновирана невролошката амбуланта. Ова беше повод за денешната посета на министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, на оваа клиника.
„Обновата на овој можеби најфреквентен дел од Клиниката за детски болести ќе резултира со значајно поефективна работа, задоволен персонал и квалитетна услуга за најмладите пациенти што тука се третираат. Приоритет на Министерството за здравство е континуирано унапредување на условите за работа и инвестирање во современа дијагностичка апаратура. За таа цел, во изминатиот период е обезбеден нов апарат – ехосонограф, односно ултразвучен премиум колор доплер апарат, кој овозможува квалитетна, навремена и точна дијагностика“, потенцира Таравари во рамките на посетата на оваа клиника.
Невролошката амбуланта при Клиниката за детски болести е единствен центар за специфична дијагностика и третман на пациенти со невролошки заболувања од новороденчиња до адолесценти.
„Обновени се три консултативни амбуланти, ехосонографски кабинет и два ЕЕГ-кабинета, каде штомесечно се прегледуваат во просек по илјада пациенти“, информира д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.