Во издание на „Дијалог“ од Скопје деновиве излезе од печат романот „Бродови“ од Петре Димовски, што е прв од петтомниот избор на овој познат македонски писател кој живее и создава во Битола.
Избраните дела на Петре Димовски излегуваат по повод 75-годишнината од животот и 50 години творештво. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Петре Димовски е раскажувач, романсиер, драмски автор и писател за деца. Добитник е на низа книжевни признанија меѓу кои и на наградите на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“. Дебитираше со книгата „Преломи“ во 1973 година и во изминатите педесет години создаде опус од 20 романи и 15 збирки раскази. Во неговото творештво низ белетристички пристап се следи во континуитет и растежот и падот на Битола низ бурните векови, од настанувањето на градот до најновото време.