Утрински Весник
Економија

Oд Германија и Австрија стигна потврда дека се преговара околу плаќањето на рускиот гас во рубли

Dik 300x250 mk

Две водечки европски енергетски компании потврдија дека преговараат со рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“ за начинот на плаќање на рускиот гас, додека во исто време тврдат дека сакаат да дејствуваат во согласност со санкциите на ЕУ, но и новите руски правила кои бараат од западните земји за гас да плаќаат во рубли.

„Сметаме дека е можна конверзија на плаќањата во согласност со законот за санкции и руската одредба. ‘Унипер’ ќе продолжи да плаќа во евра oдносно е во разговори со својот договорен партнер (‘Гаспром’) за конкретни модалитети во плаќањето и тоа го прави во блиска координација со германската влада“, соопштија од германската компанија „Унипер“.

Слична порака испрати и австриската ОМВ: „Го анализиравме барањето на ‘Гаспром’ за начинот на плаќање во светлина на санкциите од ЕУ и сега работиме на решение кое е во согласност со санкциите“.

Ваквиот развој на настаните следува откако Русија ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија, со што драматично ескалираше нејзиниот одговор на санкциите што Западот ги воведе кон земјата поради инвазијата на Украина.

Претходно денеска, британскиот весник „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, напиша дека големите дистрибутери на гас во Германија, Австрија, Унгарија и Словачка планираат да отворат сметки во рубли кај „Гаспромбанк“ во Швајцарија за да го задоволат барањето на Русија за плаќање на гасот во таа валута.

Можете да прочитате

Стан во Центар од 91 м2 е продаден за 280.000 евра, над 3.000 евра за квадратен метар

Скопје домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој од 28 до 30 октомври

Граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити