Утрински Весник
Скопје

Новотни: Општина Центар не смее да биде трофеј на градежните бизнис интереси!

Novotni.jpg

Носителот на листата на советници на „Коалицијата за зелена иднина” во општина Центар и ко-претседател на зелената партија ДОМ, проф. д-р Антони Новотни, во видео-обраќање ја претстави својата визија за почесна, зелена и пристапна општина со јасни правила што важат за сите.

„Знам како изгледаат заморот и анксиозноста со кои многумина живеат во нашиот Центар — од нечист воздух и врева, до изгубени зелени површини,” порача Новотни, нагласувајќи дека решението почнува од одговорно управување.


„Чистата општина започнува со чиста совест и правила што важат за сите”, вели Новотни.

Новотни подвлекува дека јавниот интерес мора да биде над поединечните привилегии и бизнис интереси.

„Во Центар, јавниот интерес мора да стои пред туѓите привилегии. Општината не смее да биде трофеј на градежните бизнис интереси,” нагласува Новотни.

Како приоритети, тој ги наведе зелените и тивки јавни простори, пристапноста „од тротоари до институција”, како и транспарентна трага за секоја општинска одлука.

Говорејќи и од перспективата на лекар, Новотни ја поврза урбаната средина со јавното здравје.

„Како лекар, знам дека квалитетот на урбаното живеење влијае на здравјето. Затоа велам — зелено, чесно и заедно”, порачува Новотни, притоа истакувајќи дека ќе води локална политика што „го штити достоинството на секој човек и го враќа чувството на сигурност во секојдневниот живот.”

„Ни треба зелен, тивок и пристапен простор; ни требаат паркови пред паркинзи. Центар ќе биде општина за живеење, а не за преживување. Ако ова е и ваша мерка за политика, застанете со нас — со Коалицијата за зелена иднина”, порачува до жителите на општина Центар носителот на листата на советници на „Коалицијата за зелена иднина”, Новотни.

Можете да прочитате

Во четврток во Скопје дебата за одговорното сопствеништво на миленици

Скопје ќе се кити со 53.000 евра

Пронајден починат маж пред поликлиника Ченто