Утрински Весник
Македонија

Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ветува ред, правда и достоинство во Скопје

Img 0456.jpeg
Dik 300x250 mk

Орце Ѓорѓиевски од коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја освои градоначалничката позиција во Скопје со убедливи 57,19% или 94.663 гласа, победувајќи го Амар Мециновиќ од Левица, кој освои 36,58% или 60.540 гласови.

По објавувањето на резултатите, новиот градоначалник преку својот Фејсбук статус истакна дека оваа победа не е само негова, туку победа на сите граѓани на Скопје: „Вечерва, не победив само јас. Победивте вие. Скопје победи! Победи идејата дека овој град може да стане место на достоинство, ред и иднина. Победи народот кој реши да се спротивстави на неправдата, нашиот горд народ кој никогаш не се откажува.“

Ѓорѓиевски истакна дека победата ја слави како триумф на духот над безнадежноста и храброста над оние што го потценуваа градот: „Вечерва ја славиме победата на духот над безнадежноста, на храброста, на народот над оние што го потценуваа, кој сега ги пративме во историјата.“

Меѓутоа, новиот градоначалник предупреди дека борбата не завршува со изборите. „Само што почнува ново време – време на работа и дела, не на изговори. Ние нема да застанеме додека секој човек не се чувствува горд што живее во своето Скопје. Секоја улица, секој плоштад, секој дом во овој град бара работа, ред и правда. И токму тоа ќе му го дадеме.“

Тој нагласи дека ќе се бори против небрежноста, хаосот, безредието и рамнодушноста оставени од претходните власти и дека неговата мисија е да обезбеди подобра иднина за секое дете и достоинство за секој граѓанин.

„Ќе се борам. Ќе се бориме. Секој ден, со сета сила. Ќе се борам за секое дете што заслужува подобра иднина, за секој човек што бара достоинство“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој изрази искрена благодарност кон сите кои го поддржале – семејството, тимот и Премиерот Христијан Мицкоски, кого го нарече свој најсилен столб: „Им благодарам на сите кои стоеја со мене – моето семејство на кое многу му должам, мојот тим и сите вие! Најмногу благодарам на Премиерот Христијан Мицкоски. Ви се поклонувам!“

Статусот го заврши со мисла од Винстон Черчил: „Историјата ќе биде наклонета кон нас, затоа што јас имаме намера да ја напишеме.“ Ѓорѓиевски ја испрати пораката на оптимизам и надеж: „Да живее Скопје! Да живее идејата дека најдоброто допрва доаѓа!“

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ води со 21 мандат, ВЛЕН 4, СДСМ 3 – 19.258 ливчиња неважечки

Кичево слави: ВМРО-ДПМНЕ ја освојува општината по повеќе од 15 години

Костадинов: СДСМ мора да помине низ сериозен филтер и реформи