Утрински Весник
Свет

Новиот директор Кеш Пател го претвора ФБИ во политичко оружје на Трамп

Patel.webp.webp

Пред да биде назначен за директор на ФБИ, Кeш Пател јасно ја изрази својата намера да го преобликува Бирото според неговата визија, што ја одразува желбата на Белата куќа да ја потчини американската агенција на нејзината волја.

„ФБИ стана толку компромитирано што ќе остане закана за народот освен ако не се преземат драстични мерки“, напиша Пател во книгата „Гангстери на владата“, тврдејќи дека високи функционери на ФБИ мора да бидат отстранети.


Неговата визија за ФБИ под претседателот Доналд Трамп полека се обликува.

Некои агенти беа принудени да заминат, други беа деградирани или испратени на отсуство без објаснување. Во обид да го пронајде изворот на протекувањето на информациите до медиумите, Пател ги принудува вработените на полиграфски тестови. Таквите потези предизвикуваат превирања, страв и неизвесност во ФБИ, додека Пател и неговиот заменик, Ден Бонгино, брзо ги пополнуваат високите позиции со нови агенти и го насочуваат вниманието на ФБИ кон имиграцијата.

Уништување на децениско искуство

Нивните тврдења дека ФБИ било политизирано под претходните директори ги натера вработените да се прашуваат дали и тие ќе бидат отпуштени поради работа на истраги што поддржувачите на Трамп ги осудуваат или имаат врски со поранешната администрација.

Ваквите постапки уништуваат децениско искуство на ФБИ во прашањата за национална безбедност и кривична правда и го поставуваат прашањето дали агентите кои преземаат важни позиции имаат доволно институционално знаење за да продолжат со клучните аспекти на работата на агенцијата.

„Директорот и јас ќе ги имаме поголемиот дел од нашите нови тимови подготвени следната недела. Процесот на вработување може да потрае некое време, но се приближуваме до целта. Ова ќе ни помогне дополнително да ја зајакнеме програмата за реформи“, напиша Бонгино на социјалните медиуми. Тој додаде дека ФБИ ќе ги преиспита истрагите како што се протекувањето на нацрт-одлуката на Врховниот суд за абортус од 2022 година, откривањето на кокаин во Белата куќа и бомбите пронајдени во близина на Капитол на 6 јануари 2021 година. Два од тие случаи првично не биле истражени од ФБИ.

Бомбите како прашање на корупција?

„Директорот и јас разгледавме голем број случаи на можна јавна корупција кои, разбирливо, предизвикаа јавен интерес“, рече Бонгино, чудно нарекувајќи ги бомбите  во Капитол можен чин на јавна корупција, а не на тероризам. Во претходната улога како водител на подкаст, тој тврдеше без докази дека ФБИ знаел кој ги поставил бомбите.

ФБИ обично молчи за истрагите, а изјавата негова го засили впечатокот дека тој и Пател се подготвени да ги преиспитаат настаните што ги налутија конзервативците блиски до претседателот. Нивните постапки предизвикаа исти критики упатени кон ФБИ за време на администрацијата на Бајден: Дека агенцијата станува политичко оружје.

Оваа статија е базирана на интервјуа со речиси десетина сегашни и поранешни службеници за спроведување на законот кои зборуваа под услов на анонимност од страв од одмазда. ФБИ вообичаено не коментира за прашања поврзани со персоналот.

Поранешни и сегашни службеници на ФБИ предупредуваат дека обидите на лојалистите на Трамп да ја обликуваат агенцијата според нивниот поглед на светот би можеле да имаат застрашувачки ефект врз агентите кои сакаат да отворат случаи што би можеле да го вознемират Трамп или неговите поддржувачи.

Одмазднички промени во персоналот

Многумина ги сметаат промените во персоналот за одмазда. Пател и Бонгино испратија јасна порака за претходните истраги на ФБИ насочени кон Трамп или неговите сојузници. Тие во основа рекоа дека никој не е над законот, освен Трамп.

Во последните недели, ФБИ ја распушти елитната федерална единица за истрага на корупција во Вашингтон, најпозната по истрагата на обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Овој потег сугерира дека истрагите поврзани со Трамп би можеле да бидат забранети, вклучително и оние што би можеле да вклучуваат високи функционери на Трамп кои ја користеа апликацијата „Сигнал“ за да разговараат за многу чувствителни детали за воените напади во Јемен.

Некои од заминувањата значат значителна загуба на експертиза, вклучително и ненадејното заминување на функционерот кој ја водеше канцеларијата основана во 2020 година за откривање и намалување на ризикот од злоупотреба на надзорот на националната безбедност. Други промени, вклучително и неодамнешниот бран на присилни пензионирања и трансфери, отстапуваат од традиционалните процеси.

Пател стави некои од високи припандици на ФБИ на платен административен одмор. Меѓу другите, двајца кои работеа на прашања поврзани со лаптопот на Хантер Бајден. Еден од нив веќе беше дисциплиниран за неговата работа во истрагата за врските меѓу кампањата на Трамп во 2016 година и Русија пред Пател да ја преземе функцијата.

Друга работа или пензија

На неколку водечки агентки им беше даден ултиматум: да прифатат друга работа или да се пензионираат. На високо рангиран агент, кој до април го водеше разузнавачкиот оддел во канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес, му беше понудено преместување во кампусот на ФБИ во Алабама, каде што ќе има помала одговорност, или да се пензионира. Слични сценарија се одвиваа и во многу други регионални канцеларии.

Друга група агенти е унапредена за да ги пополни клучните позиции во седиштето и да го преземе управувањето со теренските канцеларии низ целата земја. За да ги пополни тие позиции, Пател направи исклучоци, унапредувајќи помошници на специјални агенти на високи позиции. Ваквите агенти претходно не се префрлаа на врвни позиции без претходно да водат оддел во седиштето на ФБИ.

Други агенти, како и барем еден виш аналитичар, се пензионираа за да не ризикуваат да бидат прогонувани од раководството на ФБИ за теми што ги прифаќаат конзервативните критичари на агенцијата. Сe пошироката употреба на полиграфи или детектори за лаги дополнително ја продлабочи атмосферата на заплашување.

Пател користи полиграф за да ги спречи агентите и другите вработени да дискутираат за голем број теми, вклучувајќи ги неговите одлуки или внатрешни потези. Поранешни агенти велат дека тој го прави тоа на начини што не се видени порано во ФБИ.

Агент ја изгуби работата поради клекнувањето на неговата сопруга

Џим Стерн, кој администрирал стотици полиграфски тестови како агент на ФБИ, вели дека ја користел алатката во кривични истраги, контраразузнавачка работа, кандидати за работа и безбедносни прашања. Меѓутоа, ако агент кој легитимно разговарал со медиумите во претходна улога мора да полага полиграфски тест, тоа би претставувало проблем.

На неодамнешен состанок, на вишите раководители им беше кажано дека прашањето за протекување на информации до медиумите станало приоритет. Во мај, еден висок припадник беше принуден да си замине делумно затоа што не му открил на Пател дека неговата сопруга клекнала за време на протестот во 2020 година против полициското насилство во Вашингтон.

Искусниот агент нашол работа надвор од агенцијата, но дури откако поминал полиграфски тест како дел од напорите на Пател да ги спречи протекувањата на информации.

Можете да прочитате

Одземен е пратеничкиот мандат на Марин Ле Пен

Путин со папата Лав XIV: Украина има намера да го ескалира конфликтот

Трамп вели дека разговарал со Путин