Утрински Весник
Македонија

Нова дополнителна сила за македонската Армија – Промоција на нови офицери и подофицери

Promocija Oficeri I Podoficeri9.jpg

Денеска во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа свеченост на која беа промовирани  24. класа  потпоручници,  слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин и слушателите на основниот курс за подофицери во чин водник. На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана Владо Мисајловски кој на новите лидери во Армијата, офицери и подофицери им порача: „Лидерството не е само авторитет, лидерството е инспирација, давање пример и негување на работна средина во која секој ќе може да напредува, а вие сте повикани да водите со мудрост, храброст, одлучност и да носите одлуки со чесност и интегритет, кои пак ќе ги отсликуваат вредностите што ја дефинираат нашата Армија“.

Пред присутните, Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да и служат на државата и граѓаните и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.

Министерот Мисајловски во своето обраќање ја потенцира важноста на Воената академија во регионални рамки.

„Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите кои им престојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во Алијансата“ рече Мисајловски. 

На денешната свеченост се обрати Претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова која на новите офицери и подофицери им рече: „Вашите животи знам дека се различни. Но, денеска овде и за време на студиите се спојуваат. Животот е еден трнлив, незапирлив марш кон слобода, кон знаење, кон успеси. Никогаш не заборавајте дека тој пат го изоделе и го отвориле илинденците, партизаните, асномците, а потоа и вие.

Армијата, е всушност, едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината“ и додаде „Никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сè и над сè за македонските граѓани и за одбраната на македонската република“.

„Со вашата упорност и решителност, покажавте дека секоја препрека може да се надмине. Заедно, со посветеност и верба, ги надминавте сите сомнежи и ја потврдивте вашата сила. Секој од вас има своја улога во оваа приказна на успехот. И денес, стоите овде не само како поединци, туку како доказ за тоа што може да се постигне кога се работи заедно, со верба во себе. Ова е вашето време да ги докажете своите способности, да покажете што значи вистинска храброст и да изградите светла иднина за Армијата и државата“, им порача деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски на новите офицери.

Денеска во потпоручници беа промовирани 38 питомци од кои 24 за потребите на македонската Армија (12 жени и 12 мажи), 8 од Црна Гора и 6 од Босна и Херцеговина. Во прв офицерски чин – поручник беа промовирани 60 слушатели кои во периодот септември 2023 – февруари 2024 и  февруари – јули 2024, поминаа шест месечен Курс за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството и Армијата и 60 подофицери во чин – водник

На денешната свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, министерот за спорт Борко Ристовски, претставници на воено дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина и Црна Гора и останати високи гости од Министерството и Армијата.

Можете да прочитате

Усвоени измените на Законот за здравствената заштита, се укинуваат економските директори

Влада: Укинато зголемувањето на нотарските тарифи

Млад скопјанец пронајден починат пред станбена зграда