
По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово денеска извршиле претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во селото Јосифово, валандовско.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека претресот бил спроведен врз основа на издадена наредба од надлежен јавен обвинител, додека повеќе детали за предметот засега не се соопштуваат.
Акцијата доаѓа во момент кога беше објавено дека Владата на денешната седница донела одлука за одземање на шест лиценци за производство на марихуана за медицински цели. Иако официјално соопштение сè уште не е објавено, се очекуваат дополнителни информации по завршувањето на владината седница.
Според неофицијални информации, една од одземените лиценци се однесува на фабрика од која претходно била запленета марихуана во рамки на акција при која биле одземени околу 40 тони.
Одлуката за одземање на лиценците следува по контролите спроведени од Министерството за здравство, откако министерот добил овластување да утврди дали компаниите ги почитуваат законските прописи за одгледување на марихуана и стандардите за квалитет.
Според предлогот на комисијата при Министерството за здравство, лиценците се одземени поради утврдени неправилности кај следните компании:
– Alphafarm – констатиран кусок на сув цвет, необезбедено физичко обезбедување и недостиг на видеонадзор.
– Green Life – кусок на сув цвет и несоодветно пакување во сеф-соба.
– CBD Medplant – кусок на сув цвет во сеф-соба и недоставување целосна документација до Комисијата за купопродажба.
– Life Plant – недостиг на видеонадзор во внатрешните простории, необезбедено физичко обезбедување и недоставена документација за купопродажба.
– Ata Farm – непостоење соодветен стручен кадар, како и необезбедено физичко обезбедување и видеонадзор.
– Kanabinoids – неисполнување законски услови, недостиг на кадар, обезбедување и видеонадзор, како и констатирани несоодветни активности во дворот на правното лице.
Се очекува надлежните институции во текот на денот да излезат со подетални информации за одлуката и за понатамошните чекори во постапката.


