„Неутврдена е фактичката состојба“, „има недостатоци поради кои не може да се испита законитоста“, „пресудата е нејасна“, „неутврдени дејствија на обвинетите“, „недоволно расправање за амнестијата“. Ова се неколку образложенија кои ги користи Апелациониот суд за да му укаже на Кривичниот суд зошто ја укина пресудата за „Организатори на 27 април“. Судиите од Апелација, Татјана Дуковска, како претседател на советот, заедно со Лидија Зимбовска, Зоран Димитриевски, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи бараат Кривичен суд односно нивниот колега Илија Трпков, да ги исправи овие недостатоци и да ја утврди точната состојба при повтореното судење.
Прифатени жалбите на обвинетите
Екссобранискиот претседател, Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски кои се обвинети во овој случај, се жалеа на првостепената пресуда. Второстепените судии – ги прифатија жалбите. Во првите редови од образложението се наведува дека при судењето на предметот се сторени суштествени повреди.
„Судот оцени дека истите се основани со оглед дека обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата, пред се во поглед на фактите што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување е недоволно јасна и разбирлива и не содржи доволно образложени и непротивречни причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, а воедно пропуштил врз основа на предложените и изведени докази правилно да ги утврди решителните факти кои се од битно влијание за одлучување во конкретниот кривично-правен настан, како и на оние од кои зависи примената на определена одредба од Кривичниот законик, поради што обжалената пресуда не може во целост и со сигурност да се испита во однос на нејзината правилност и законитост“, стои во пресудата на Апелација за „Организатори на 27 април“.
Апелација: Пресудата е нејасна
Судечката петорка, при читање на пресудата од Кривичен, утврдиле дека пресудата е нејасна. Според второстепените судии, се според сите списи во предметот – се доведува во прашање дали обвинетите се виновни.
„По оцена на советот на овој суд, обжалената пресуда е нејасна, не постои кохерентност помеѓу изреката и образложението на првостепената пресуда по однос на причините за решителните факти од кои се раководел првостепениот суд при одлучувањето во конкретниот кривичен предмет, со особен акцент на фактите што го чинат законското обележје на ова кривично дело, поради што обжалената пресуда не може со сигурност да се испита во однос на нејзината правилност и законитост. Во оваа смисла, имајќи ги предвид списите во предметот, изведените докази, обжалената пресуда и жалбените наводи истакнати во жалбите на обвинетите, заклучокот на првостепениот суд, пред се, по однос на постоењето на фактите што го чинат законското обележје на кривичното дело за кое истите се огласени виновни, се доведува под сомневање, бидејќи судот врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување“, се додава во пресудата од Апелација.
Апелација не разбира кои се активностите на обвинетите за сторување на „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“
Судиите Дуковска, Зимбовска, Димитриевски, Милева, Ајрулахи посочуваат дека колегата од Кривичен, Илија Трпков, не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на обвинетите за да го сторат кривичното дело за кое се гонеа.
„Ако се има предвид дека дејствието на извршување на предметното кривично дело се состои во преземање на општо опасно дејствие или акт на насилство, кои дејствија треба да се такви што да создаваат чувство на лична несигурност или страв кај пасивните субјекти, а при тоа, правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие на делото, како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, посочува Апелација.
Најголем акцент во пресудата е ставен на селективната амнестија и дали таа важи за обвинетите
Во недоволна мера се расправало за прашањето дали амнестијата дадена од Собранието, важи и за обвинетите Вељаноски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски. Ова го констатирата судечката петорка. Ова, влијаело во законитото и правилното донесување на пресудата.
„Ова, од причини што при постапувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги заменарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија кој во членот 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените кривични постапки и ослободување од издржување на казната затвор. Во наведената смисла, советот на овој суд смета за потребно да истакне дека правото на образложена судска одлука кое произлегува од суштината на членот 6 став 1 од ЕКЧП редовно треба да се толкува како обврска за првостепениот суд донесената одлука да содржи причини кои се доволни до
24 степен да може да се сметаат како одговор на најбитните елементи на аргументите на странките, независно дали станува збор за фактички, правни или процесни аргументи, а отсуството на причини за одбивање на предлозите на странките во образложението на одлуката, inter alia, укажува и на повреда на правото на акузаторност на постапката“, стои во пресудата.
Според судиите, Кривичен суд бил должен да ги анализира одредбите од Законот за амнестија. Тоа не го направил.
„Имено, првостепениот суд воопшто не се впуштил во анализа на одредбите на Законот за амнестија, нешто што бил должен да го направи, особено на нормата со која се уредува опфатот на лица кои се изземени од предвидената амнестија и во таа смисла не го расчистил прашањето дали со цитираниот Закон за амнестија мора да се опфатат лицата, кои ipso juri i ipso facto немале никаква службени овластувања, ако се има предвид дека обвинетиот Т.В. (Трајко Вељановски) бил пратеник и претседавач со седницата во С. и неутврдениот факт, кои службени овластувања ги имал истиот во тоа својство, дека обвинетиот М. Ј. (Миле Јанакиески) во критичниот временски период наведен во изреката на пресудата немал никакви службени овластувања, ниту бил пратеник, ниту имал избрана функција, а обвинетиот С. Р. (Спиро Ристовски) извршувал функција заменик министер на Министерство за образование и наука, од една страна и исклучокот во ставот 3 од членот 1 на законот од друга страна, кој се однесува на лицата што постапиле спротивно на службените овластувања при вршењето на кривичното дело, а во врска со загрозување на безбедноста, како облик на сторување на кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик“, се додава во пресудата.
На Апелација не му е јасно зошто Кривичен не расправал ниту дали амнестијата треба да се однесува и применува на лица кои во моментот на донесување на Законот за амнестија не се водела кривична постапка.
„…Судот… ниту утврдувал дали обвинетите во конкретниот случај, знаеле и дали можеле да поднесат барање за Амнестија, како што тоа е наведено во Законот за амнестија, каде е ограничен периодот на поднесување на барање, со оглед дека согласно расположивите докази и списите на предметот, произлегува дека обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против обвинетите е поднесен на 31.05.2019 година, а наредбата за спроведување истражна постапка, спрема обвинетите е донесена на 20.02.2019 година, што значи по донесување на Законот за амнестија“, се додава во пресудата.
„Не се одговорени суштинските забелешки на одбраната за непримена на Законот за амнестија“, констатира Апелација
„Поради ваквото постапување на судот, останале без одговор суштинските забелешки на одбраната која приговорила на непримена на Законот за амнестија, а воедно одбраната останала без одговор на клучното прашање дали против обвинетите како организатори на настаните од 27 април според обвинението, можела да се води кривична постапка за делото Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од КЗ, или пак, поведената постапка требало да се запре и случајот да се смета за res judicata, или согласно фазата во која се наоѓала постапката, да се донесе одбивателна пресуда, врз основа на одредбата од чл.402 ст.6 од ЗКП, на што се укажува во жалбите на обвинетите и се нагласува дека амнестијата, односно дадената аболиција се однесува и на лица против кои во време на донесување на законот (18 декември 2018 година) не била поведена кривична постапка, како обвинетите во овој кривичен предмет, на кои согласно чл.4 од Законот за амнестија треба да се применат истите одредби од ЗКП, како во ставот 2 од членот 1 од Законот за амнестија“, консатира Апелација.
Претходно, Апелација донесе одлука да ја укине пресудата за „Организатори на 27 април“. Предметот ќе се суди одново.