
Куманово добива 5 специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена низ градот, донација од Владата за поддршка на општината. За брзо време ќе се донираат и новите електрични автобуси, истакна денеска во Куманово заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска изврши примопредавање на возилата на градоналачникот на Куманово, Максим Димитриевски.
” Министерството за транспорт во соработка со Светска банка направи една поголема набавка на комунални возила, односно најголема којашто општините ја виделе како директна донација во изминатиот период.
Дел од таа набавка и дел од таа донација доаѓа во Општина Куманово. Не затоа што сум тука, но после Скопје најмногу возила добива токму Општина Куманово и мислам дека е така правилно, затоа што се работи за најголемата општина на територија на државата. Тука имаме две мултифункционални возила за одржување на хигиена со соодветен механизам којшто можевте и да го видите, којшто доста ќе помогне во подигнување на сметот. Понатаму имаме еден камион-прскалка којшто ќе овозможи да имаме почисти улици, да се перат улиците, но исто така има можност да носи и техничка вода во кризни ситуации или во ситуации кога има недостаток на вода или прекин со водоснабдување. И секако, тука се две возила за метење на улици коишто ќе помогнат покрај да имаме чисти улици, да имаме и чисти тротоари, чисти плоштади и чисти отворени површини” – изјави Николоски.
Тој додаде дека Владата продолжува со поддршката за општина Куманово, која што во изминатиот период беше интензивна. Најави пристигнување на електричните автобуси за Куманово.
Знаете дека имавме два повици за поддршка на општините. Во првиот повик се обезбедени околу 242 милиони денари, во вториот повик около 328. Дополнително на тоа, преку буџетот на Министерството за транспорт имаме некаде околу 1 милион евра кои што се инвестираат во изградба на мост, инвестираме во изградба на капела, како и во изградба на локални улици во проект со Светска банка и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период. Би сакал да најавам исто така дека во следниот период ќе пристигнат и електричните автобуси во Куманово, така што се обидуваме да помогнеме секаде наму каде што можеме”- истакна Николоски.



