
Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, порача дека во денешно време државава се соочува со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ и оти како премиер на државата е свесен дека една од најважните битки е таа за подобар живот и стандард, но, подвлече, никогаш не треба да се попушти кога се во прашање интересите на нашиот македонски идентитет и интересите на Македонија.
-Како премиер на државата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме. И овој пат е наше природно право, и иако многупати откажувањата што ги направивме не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување – рече Мицкоски на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод 23 Октомври.
Мицкоски, во контекст на последните барања за уставните измени и прифаќањето на Бугарите во Уставот, вели дека главното прашање што се наметнува е – што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот?
-Секој наш следен потег мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и заштитата и обезбедувањето – прво гаранции дека ова ќе биде последното, и дека ќе добиеме нешто опипливо и предвидливо – важно за државата и граѓаните. И потоа нашиот источен сосед да покаже европски вредности и на ист начин да одговори за македонската заедница во Бугарија. Не и требаме на Европа обезличени и целосно осакатени. И требаме достоинствени, горди, онакви какви што сме. Нашата определба за Европската Унија ја докажавме преку многу одрекувања, многу жртви, дури и по цена на сопствена штета. И никој нема право да каже дека не дадовме жртва и не плативме прескапа цена за она што го сакаме – а тоа е да бидеме полноправна членка на Европската Унија – порача Мицкоски.
Но, додаде премиерот, како и во историјата, така и денес, секогаш ќе има луѓе и страни кои се подготвени да дадат повеќе, да прифатат повеќе.
-Во таа смисла, нашата опозиција е подготвена да прифати многу повеќе, но и да отстапи и даде многу повеќе. Затоа што таквата трговија со нашето, со заедничкото, за нив претставува картата со која сакаат да останат во политичкиот живот, не размислувајќи за штетата што ја прават, не само на себе, туку и на целата држава и сите идни поколенија. И јас сум беспрекорно свесен дека во остварувањето на таквите намери единствена пречка е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Но таа улога мораме свесно да ја носиме на плеќи заради нашиот народ, заради граѓаните. И не треба никогаш да попуштиме кога се во прашање интересите на нашиот македонски идентитет и за нашата преубава држава Македонија – нагласи Мицкоски.
Замислете ситуација, додаде премиерот, да настапуваме единствено, а опозицијата да е таа што ќе нè притиска и храбри да ги чуваме црвените линии, околу кои нема да се создаваат облаци и прашини за куферчиња, поклони за источниот сосед и приказни за бизниси какви има сега.
-А токму таквото нивно досегашно однесување ги закотви и закова на третото, четвртото место по поддршка – станувајќи спореден играч на политичката сцена овде дома – рече Мицкоски во обраќањето по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.