
Граѓаните не треба да очекуваат било каква интервенција на пазарот во очи на Новогодишните и Божикните празници и покрај тоа што инфлацијата мерена на годишно ниво останува релативно висока, а на месечно ниво покажува знаци на забрзување. Според нивото на порастот на трошоците за живот со кои се мери инфлацијата, нашата земја и натаму е двојно над европскиот просек, а слично е ако се споредиме и со состојбите во земјите во регионот, каде што е во горниот дел на табелата. Сепак, Владата смета дека било какви интервенции со ограничување на цените на основните производи или пак на маржите, не би дала траен ефект и цените веќе во наредните месеци по завршување на интервенцијата, ќе се нивелираат, или ќе бидат дури и повисоки, објави Независен.
Ваквиот пристап, денеска го потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања по посетата на почетокот на изградбата на мултифункционален центар во Општина Аеродром, рече дека било каков интервенционизам ќе значи само префрлање во другите месеци.
„Тоа го покажа искуството. Можеби тој месец ќе има поевтина цена на артиклите, но трговците тоа го пренесуваат во наредните месеци и на крај нето цената што ја плаќаат граѓаните е повисока. Таква е анализата која што ја направивме и која што е резултат на овие кошнички. И не само тука, туку и сите земји кои што ја примениле таа анализа дошле до тој заклучок“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека она што е важно да се направи, е надлежните институции да излезат на терен, што и се прави. Според него, инфлацијата на крајот на годинава ќе биде во рамките на предвидените 4 проценти, а следната година ќе биде меѓу два и три проценти.


