Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги преземе сите механизми за да имаме стабилна ситуација со цената на топлинска енергија имајќи ги во предвид цените со природниот гас на берзите во Европа, порача денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и додаде дека во никој случај нема да поскапи парното за домаќинствата. -Во ниту еден случај нема да дојде до никакво поскапување на цената на топлинска енергија за домаќинствата, единствено може да дојде до намалување во зависност дали ќе има субвенции, дали ќе нема.Во текот на јули вообичаено ние ќе ја донесеме таа одлука. Можевме и сега да носиме популистичка одлука, кога ја намаливме цената за не домаќинствата, но се решивме да им се помогне пред се на овие потрошувачи кои во текот на енергетската криза ниту еднаш не беа субвенционирани, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција. Во првата шанса која што ја имавме во делот на топлинската енергија, додаде, веднаш изреагиравме како РКЕ и цената на сите недомаќинства коишто се приклучени на системот за топлинска енергија во градот Скопје заради очигледно намалени трошоци за набавка на природен гас ја намаливме за 35 проценти. -Во наредниот период ќе ја следиме ситуацијата со цената на природниот гас и ќе видиме како понатака тоа ќе се одрази. Загрижува фактот што ТЕ-ТО дава нешто помалку од тоа што сме го предвиделе да го дава на мрежа, но понатака како ќе проаѓа времето ќе анализираме, ќе имаме состаноци со ТЕ-ТО и со ЕСМ дистрибуција на топлинска енергија да видиме што било причината за тоа, рече Бислимоски. Нагласи дека топловодот на мостот „Беласица“ кој беше оштетен во пожар нема влијание на работата на ТЕ-ТО. -Мислевме дека има, ама сега нема влијание, но ќе видиме зошто ТЕ-ТО од средината на декември па некаде до 10 јануари не произведувал ни електрична енергија, а со тоа ни топлинска енергија бидејќи цената на природниот гас била таква што цената на електричната енергија не ги покрива трошоците за работа, истакна Бислимоски и посочи дека ТЕ-ТО дава топлинска енергија кога му дозволуваат пазарните услови. Прецизира дека било предвидено ТЕ-ТО да дава околу 60 проценти од топлинската енергија, а во системот испорачувало под 50 проценти. -Не можеме да бараме од ТЕ-ТО како нерегулиран производител ни на електрична ни на топлинска енергија да дава нешто што би го носело во големи загуби. ТЕ-ТО дава топлинска енергија кога му дозволуваат пазарните услови. Ние не можеме до крај да бараме од ТЕ-ТО произведувај повеќе топлинска енергија а помалку електрична енергија кога јасно е дека најголемите добивки ТЕ-ТО си ги прави на слободниот пазар на електрична енергија од продажба на електрична енергија, појасни Бислимоски.