
Традиционалните турски деликатеси во рамките на „Недела на турската кујна“, која се одбележува до 27 мај, беа презентирани вчера во резиденцијата на амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој.
На настанот можеа да се дегустираат традиционални и класични јадења и десерти од турското кулинарство, како што се целер со портокал и маслиново масло, сарма од лозов лист, боранија, ќофте, супа од тарана, пиде со кашкавал и месо, овчарска салата, пијаз, џаџик, грав со суџук, јагнешки тандир, шеќерпаре, овошен компот, лимонада…
Во својот говор амбасадорот Улусој, изрази задоволство што неделата на турска кујна се одбележуваме по четврти пат.
-Турската кујна, во својство на скапоцено богатство на древната турска култура, не собра по овој убав повод во Скопје, срцето на Балканот, регионот кој низ целата историја беше домаќин на уникатни културни богатства, истакна амбасадорот Улусој.

Во својот говор, односите меѓу двете земји, Улусој ги оцени како повеќе од пријателски.
-Турција е земја која ја призна Македонија со нејзиното уставно име од дента на нејзиното осамостојување и е прва земја која назначи амбасадор во оваа млада република. Нашите две пријателски и сојузнички земји негуваат длабоко вкоренети историски и културни врски, и односи на највисоко ниво. Изразот „пријателски“ кој се користи во контекст на Македонија не е само декларативен. Една турска поговорка вели „Пријателот се познава во црни денови“. Народите на двете земји секогаш стоеле еден поред друг во тешки денови. Никогаш нема да ја заборавеме помошта и солидарноста на нашите браќа и сестри од Македонија по разорниот земјотрес кој ја погоди нашата земја во 2023 година, истакна амбасадорот.
И Турција од своја страна, посочи Улусој, ја даде својата поддршка во справувањето со пожарите минатото лето, како и дека обезбеди медицинска поддршка за ранетите од трагичниот настан во март годинава во Кочани, каде што за жал згаснаа и многу млади животи. – Десет од вкупно 12-те повредени кои беа на лекување во Турџија се вратија во земјата, се надевам дека и останатите двајца во најскоро време оздравени ќе се вратат, рече Улусој.
Во своето обраќање, Улусој се осврна и на големиот број, нешто над четири илијади турски студенти кои студираат во разни универзитети и институции во земјава, над 280 илијади туристи кои во текот на една година ја посетуваат земјава, развојната и хуманитарна помош на турски институции и невладини организации на чело со ТИКА, реставрацијата на културните монументи реализирани од ТИКА и нивниот удел во туризмот на Македонија; културните, јазичните, стручните и развојните активности на Институтот Јунус Емре, како и придонесот во образованието на земјата на Меѓународниот Балкански Универзитет и училиштата на Маариф се само дел од рефлекциите на нашите меѓучовечки односи.
-Имаме 32 летови неделно на релација Истанбул – Скопје, на чело со Туркиш ерлајнс, а оваа фреквенција ќе се зголеми уште повеќе во текот на летните месеци. Исто така, има летови од Скопјe до Измир, Бодрум и Анталија. Директните летови на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид, кои започнаа минатиот март, продолжуваат да ги развиваат врските меѓу народите на двете пријателски и братски земји и односите меѓу двете земји во областа на економијата и туризмот, рече Улусој.
Во периодот на новата Влада на Македонија нашите одно си добиваат интензитет, оцени Улусој, посочувајќи дека се реализирани низа билатерални средби на високо ниво – средбата на премиерот Христијан Мицкоски во февруари во Истанбул со Претседател на Турција и потпишувањето на Заедничка политичка декларација со која се основа Вишиот совет за соработка и односите помеѓу нашите земји ги издигнавме на ниво на стратешко партнерство, потоа посетата во април на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој учествуваше на Дипломатскиот форум на Анталија и се обрати на панелот посветен на Балканот.
-Балканот претставува приоритет во турската надворешна политика и вниманието кои им го посветуваме на безбедноста и стабилноста на регионот, при што впрочем ги сметаме како дел на нашата безбедност и стабилност, ја претставува основата на нашата воедна соработка на билатереални и мултилатерални платформи. Соработката во одбранбена индустрија со нашиот сојузник Македонија исто така е значајна за нас, изјави Улусој.
Билатералната трговска размена од една милијарда долари меѓу Турција и Македонија целиме, нагласи Улусој, да ја зголемиме на 2 милијарди долари. Турските компании преку нивните инвестиции кои растат, продолжуваат да придонесат за економијата на земјата, посочувајќи дека турските компании овозможуваат 10.000 вработувања во земјава.
Во рамки на Неделата на турската кујна, која се одбележува од 2022, годинава акцентот е на традиционалните вкусеви на турското кулинарство, односно „Класичните рецепти на турската кујна“.
Турската кујна во себе содржи траги од вековната меѓукултурна интеракција во Анадолија и поширокиот регион кој ја опкружува Турција, а како резултат на долгогодишното заедничко живеење, турската и македонската кујна имаат многу заеднички точки.
На настанот беше презентирана и книгата “Вековните рецепти на турската кујна“, дело изготвено под водство на сопруга на турскиот претседател, г-ѓа Емине Ердоган и со учество на познати академици и готвачи.