
Земањето парацетамол за време на бременост – аналгетскиот и антипиретичен лек познат во САД како Тиленол – е безбедно, објави група европски истражувачи откако нејзините членови собраа мноштво научни податоци, одговарајќи на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп минатата година за поврзаноста на лекот со развојот на аутизмот.
Во текст објавен во саботата во британското стручно списание „ Лансет акушерство, гинекологија и здравје на жените“ , научниците нагласуваат дека се фокусирале на собирање докази со највисок квалитет за да одговорат на гореспоменатите тврдења на Трамп.
Водечката авторка на студијата, Асма Калил, професорка и специјалистка по акушерство и фетална медицина на Универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон, изјави дека „парацетамолот е безбеден за употреба за време на бременост“.
„Клучната порака е да се разрешат сомнежите: ако лекот се користи како што е препорачано, најдобрите достапни докази не поддржуваат причинско-последична врска со развојот на аутизам, ADHD (нарушување на вниманието и хиперактивност) или со намалено интелектуално и/или адаптивно функционирање“ на поединецот.
Халил рече дека пациентите ја прашувале за безбедноста на популарниот лек против болки, познат во Европа како парацетамол, а во САД како ацетаминофен, откако Трамп им советувал на бремените жени да не го земаат минатиот септември.
Во тоа време, групи медицински експерти на национално и меѓународно ниво ги осудија тврдењата на претседателот, појаснувајќи дека тие не се засновани на конкретни докази.
Парацетамол /Тиленол е единственото средство против болки кое се смета за безбедно за бремени жени, а лекарите претходно им советуваа да користат најмала можна количина во најкраток временски период со цел да ја контролираат можната болка и/или треска за време на бременоста. Познато е дека ваквите состојби, доколку не се лекуваат, можат да бидат ризични и за бремените жени и за нивните бебиња.
По изјавата на Трамп, научниците спроведоа систематски преглед и мета-анализа на претходно достапните податоци и пронајдоа 43 студии, кои потоа беа оценети за квалитет и веродостојност со користење на стандардни алатки.
Тимот особено се фокусираше на студиите што ја испитуваа здравствената состојба на децата од истата мајка кои земале парацетамол во едната бременост, а не во другата. Халил рече дека биле земени предвид заеднички генетски фактори и семејна средина што потенцијално би можеле да бидат поврзани со аутизам или други здравствени состојби што се проучуваат.

