
Доктрината за победа на НАТО не подразбира дека Алијансата сака војна или стратешка победа над непријателот, туку спречување на нападот и одбрана на луѓето и територијата – изјави денеска на Варшавскиот безбедносен форум врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич, порачувајќи дека Алијансата е подготвена и за молскавичен одговор доколку Русија ги нападне Полска или балтичките земји.

– НАТО е одбранбен сојуз. Немаме никакви планови, намери или амбиции, освен да го браниме нашето население и нашата територија. Ако некој е толку глупав да нè нападне, ќе се бориме. Гарантираме дека секој напад врз кој било сојузник ќе биде неуспешен – изјави генералот Гринкевич.
Доктрината за победа, односно начинот на кој НАТО би ја одвратил Русија од евентуален пробен напад врз некоја земја членка и би ја принудил да ја прекине серијата саботажи во европските земји што се дел од нејзината хибридна војна, Гринкевич денеска првпат јавно ја претстави во полската престолнина.
– Мислам дека луѓето кај нас се малку вознемирени. Сакаме да им покажеме дека веќе имаме планови и дека знаеме како да постапиме. Истовремено, сакаме да им покажеме и на другите дека знаеме како да одвратиме напад врз нашата територија – рече тој, додавајќи дека сепак не смета оти војната е неизбежна бидејќи постојат канали за комуникација и силни средства за одвраќање.
Според генералот, доктрината се заснова на три клучни воени задачи во случај на агресија: блокирање, неутрализирање и разбивање на непријателските сили. Блокирањето го спречува почетниот напредок и заземањето територија, неутрализирањето ги оневозможува ефикасната команда и маневрите, додека во завршната фаза НАТО би пристапил кон конечно разбивање на противникот преку тотална употреба на огнена моќ на копно, море, воздух и преку сателитска технологија.
– Веќе сме подготвени, а утре ќе бидеме уште поподготвени. Знаеме како да се бориме ако војната стигне до нас и знаеме како да победиме. Напаѓаме само оној што нè напаѓа и немаме потреба да ја ескалираме ситуацијата. Мора да му покажеме на непријателот дека ескалацијата од негова страна само ќе ја влоши неговата положба – истакна тој.
Гринкевич упати порака до Европејците дека ситуацијата е под контрола, а во интервју за полскиот сервис ТВП Ворлд нагласи дека клучот на успехот е одвраќањето.
– Се надевам дека ќе ја забележиме заканата и ќе ја спречиме пред да почне да се остварува. Клучот е во демонстрирањето на нашата сила и единство за противникот да премине во одбрана уште пред да помисли да ја нападне Алијансата – посочи генералот.


