Утрински Весник
Македонија

National Geographic ја издвојува Македонија како најдобра дестинација за гастрономија на Балканот

And7630 scaled 1.jpg

Во најновата туристичка анализа посветена на балканските земји, престижниот „National Geographic“ ја издвојува Македонија како идеална дестинација за љубителите на добрата храна, природата и автентичните искуства, при што особено внимание ѝ се посветува на скромниот, но извонредно богат гастрономски и културен идентитет на земјата.

„И покрај забележителните планини, езера и историски знаменитости, Северна Македонија е пријатно ненаметлива и во голема мера не е погодена од масовниот туризам“, пишува National Geographic, наведувајќи го Охрид како една од најголемите атракции во земјата, благодарение на старите цркви, прошетките покрај езерото и возењата со брод.


Според текстот, вистинското откритие за патниците се руралните предели — особено националните паркови Маврово и Пелистер — каде може да се ужива во „опуштени возења со запирање кај селски таверни и тезги покрај пат со домашни производи“.

Посебно внимание е посветено на македонската кујна, која според магазинот е „позначајно разновидна од повеќето други кујни во западен Балкан и помалку воздржана кон зачинетото“. „Ајварот е типичен пример – овој вкусен намаз од црвени пиперки и модар патлиџан може да биде прилично лут и често се наоѓа на менито во локалните ресторани.“

Меѓу традиционалните јадења се издвојува и тавче гравче, кое магазинот го опишува како „веганско национално јадење“. Покрај тоа, на пазарите можат да се најдат „планински билки, локални медови и тврди сирења со изразен вкус“ кои се дел од утринските оброци во селските гостилници.

National Geographic препорачува да се пробаат и локалните пијалаци: „Мастика (ликер со арома на смола од дрво) и вина од Тиквешката котлина, направени од автохтони сорти како Смедеревка, Вранец и Темјаника.“

Како заклучок, магазинот ги повикува читателите да се откажат од пренатрупаните плажи и да се свртат кон автентичноста на Балканот во внатрешноста, каде, како што пишуваат, „сè уште може да се пристапи до вистинска дивина“.

Можете да прочитате

Срам ми е од Карпош каков што е денес вели Јакимовски

Николоски: Судството и обвинителството целосно потфрлаат

Невреме со град и силен дожд го зафати попладнево Дојран