Утрински Весник
Свет

Настрадаа илегални мигранти од Кина

Migranti begalci.jpg

Три лица загинаа утринава кога мал брод се превртел на реката Сава во близина на Славонски Брод. Во несреќата биле вклучени 14 странски државјани кои се обиделе нелегално да ја преминат границата од Босна и Херцеговина кон Хрватска. Според информациите на хрватската полиција, повеќето од мигрантите биле кинески државјани, а меѓу нив имало и еден турски државјанин.

Меѓу преживеаните е и државјанин на БиХ, кој веднаш бил приведен под сомнение дека е криумчар на луѓе. Еден маж се удавил на лице место, додека две жени починале во болница. „Другите лица имаат полесни повреди и хипотермија. Вкупно се шест мажи и седум жени, сите возрасни. Сите се под надзор на медицински работници и полицијата, а третманот е во тек додека се надминуваат комуникациските бариери“, изјави директорот на болницата во Славонски Брод, Јосип Самарџиќ.

Од полицијата информираа дека со случајот се поврзува едно лице – државјанин на Босна и Херцеговина – кој е хоспитализиран и се наоѓа под полициски надзор. На местото на несреќата веднаш биле испратени полициски патроли и служби за итни интервенции. Униформирaните лица успеале да извлечат 13 мигранти од студените води на Сава, од кои едно веќе не давало знаци на живот. Сите лица со хипотермија биле пренесени во болницата во Славонски Брод. Полицијата трага по уште едно лице, чиј пасош бил пронајден, но не се наоѓа меѓу мигрантите кои биле хоспитализирани.

Можете да прочитате

Минимален сообраќај низ Ормуската Теснина во екот на војната во Иран

Ердоган вели дека Турција работи на воспоставување мир во војната на САД и Израел против Иран

Хезболах: Ќе спречиме израелска окупација на јужен Либан