Утрински Весник
Македонија

Насилство, развод и трагедија – драматичен развој на случајот на починатата Ивана

Screenshot 4 1.jpg

Трагичниот настан што вчера ја потресе јавноста отвори сериозни дилеми за институционалното постапување во случаи на семејно насилство. На прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесе нови детали за случајот во кој Ивана и нејзиното шестгодишно дете го загубија животот по пад од тераса на зграда во скопската населба Карпош.

Според информациите што ги презентираше, истиот ден околу пладне бил пријавен инцидент меѓу сопружниците. Министерот посочи дека постои видеозапис на кој се гледа како сопругот ја удира жртвата. По полициската интервенција, жената потпишала изјава во која навела дека станува збор за недоразбирање, дека немало физички контакт и дека не бара натамошна постапка, додавајќи дека брачните односи ги решава преку развод.


Тошковски нагласи дека ќе се утврдува дали таквата изјава била дадена под страв, притисок или закани.

Во врска со случајот, Стојанче Јовановски е лишен од слобода и осомничен за наведување на самоубиство, нанесување тешки телесни повреди и загрозување на сигурноста.

На прашање дали полицијата постапила соодветно, министерот изјави дека не тврди оти сè било спроведено „100 проценти перфектно“ и дека ќе се анализираат сите аспекти на постапувањето. Тој потенцираше дека со последните законски измени полицијата има проширени овластувања да постапува по службена должност, особено кога се констатираат видливи телесни повреди.

„Во такви случаи, жртвата нема да може да го повлече предметот, а Министерството ќе мора да продолжи со постапката“, истакна министерот.

По интервенцијата и потпишувањето на изјавата, жената се упатила кон станот на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Карпош, каде подоцна се случила трагедијата. Во моментот на настанот, сопругот не бил присутен во станот.

Министерот информираше дека во изминатите две години против осомничениот биле поднесени десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога, како и дека му биле изречени мерки на претпазливост. Во текот на 2025 и 2026 година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците, но оштетената се повлекувала од постапките.

Во меѓувреме, Министерство за социјална политика, демографија и млади соопшти дека е извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел да се утврди фактичката состојба и начинот на постапување.

Според првичните податоци, случајот првпат бил евидентиран во Центарот на 7 октомври 2025 година по барање на Основниот граѓански суд во постапка за развод. Допис од Министерство за внатрешни работи поврзан со пријавено насилство бил доставен на 2 февруари 2026 година и се однесувал на настан од декември 2025 година.

Инспекцискиот надзор е во тек, а надлежните најавуваат дека по неговото завршување јавноста ќе биде транспарентно информирана за наодите и евентуалните мерки.

Можете да прочитате

Четири изгубени животи за два месеци – системот повторно затаи?

Животот и бил хорор, а вие велите можела поинаку – психолог жестоко реагира по трагедијата во Карпош

Сиљановска-Давкова: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ