
Народната банка ја информира јавноста дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури.
Во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието. Категорично ги отфрламе тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.
Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд
Ваква ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходни избори на членови на Советот на Народната банка. Потсетуваме дека во 2018 година, кога СДСМ заедно со својот коалициски партнер ДУИ го имаа мнозинството во Собранието, Советот на Народна банка повеќе месеци функционираше во нецелосен состав, што не е случај сега.
Законот и сегашната практика јасно обезбедуваат континуитет и стабилност во работењето на Народната банка до избор на нови носители на функциите.
Народната банка изразува загриженост, што преку неосновани и селективни информации пласирани во јавноста се доведува во прашање работењето на една високопрофесионална и одговорна институција.

