
Народната банка и Фондот за зелен развој (GGF − Green for Growth Fund) организираат Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност, којашто ќе се одржи на 25 ноември во Скопје. Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на дијалогот и поддршка на финансискиот сектор во приспособувањето на економијата кон зголемените климатски предизвици.
На Конференцијата под наслов „Климатските ризици и финансиската стабилност: справување со денешните предизвици и искористување на утрешните можности”, ќе се обединат централните банки, финансиските регулатори, меѓународните организации, како и претставници од банкарскиот сектор, со цел да ја продлабочат регионалната соработка и размената на најновите практики во управувањето со климатските ризици. Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и директорот на Фондот за зелен развој, Борислав Костадинов, а посебно обраќање ќе има претседателката на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС) и првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер.
На Конференцијата, високи претставници од централните банки од регионот и експерти од Светската банка ќе се осврнат на супервизорскиот пристап кон управувањето со климатските ризици. Излагачите ќе зборуваат за интеграцијата на климатските ризици во супервизорските процеси, примената на европските и меѓународните стандарди и искуствата од нивното спроведување. Ќе бидат опфатени и најдобрите практики на комерцијалните банки во управувањето со климатските ризици и зелената трансформација на деловните модели. Високи претставници од водечките банки од регионот и Европа ќе ги споделат предизвиците и можностите од воведувањето зелени производи, подобрените системи за известување и процената на физичките и транзициските ризици.
Во рамките на Конференцијата ќе се засегнат прашања и за климатските промени во контекст на финансиската стабилност, со учество на излагачи од Европската централна банка и од централните банки од поширокиот регион. Ќе се разгледаат најновите пристапи во моделирањето на климатските ризици и спроведувањето на климатските стрес-тестови, начините за надминување на недостатокот на податоци, како и транспарентноста и обврските за известување за одржливото работење (ЕСГ), при што ќе бидат претставени најважните регулативни новини и очекувањата за финансиските институции.
Конференцијата ќе може да се следи во живо, на каналот на Народната банка на „Јутјуб”.


