Наместо 18 години затвор, велешанецот Ангелчо Николов, кој ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и ја усмрти, ќе треба да издржи осум години затвор, одлучи скопска Апелација. Второстепените судии му ја намалија казната за десет години. Пресудата на Апелација е донесена по пет месеци од изрекувањето на првостепената бидејќи Николов издржува притвор поради опасност од бегство, кој му беше изречен сѐ до правосилност.
„Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-349/23 , а по изречена првостепена пресуда на Основниот суд Велес, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А.Н. од Велес, делумно се уважува. Согласно донесената одлука за сторено кривично дело: Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, од член 300 став 2 в.в. со член 297 1 од Кривичниот законик, на обвинетиот му се утврдува казна затвор во траење од седум години и шест месеци, а за кривично дело: Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, од член 301 став 1 од Кривичниот законик, веќе определената казна затвор со првостепената пресуда од една година се зема за утврдена, па со примена на член 44 за двете кривични дела му се изрекува единствена казна затвор во траење од осум (8) години“, соопшти Апелација.
Пресудата е правосилна, а ценети се сите олеснителни и отежителни околности. Казната е преиначена со образложение дека велешкиот суд не ги проценил доволно сите олеснителни околности за обвинетиот возач.
Николов беше возач на „мерцедесот“, кој во пијана состојба, на пешачки премин, ја прегази малата Магдалена. Тој се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и за неукажување помош.
Сообраќајната несреќа се случи на десетина дена пред Нова година. Возачот Николов беше во бегство, а по два дена, полицијата го уапси. Тој го управуваше возилото „мерцедес“ со прекумерна брзина, како што и призна. Освен жртвата, 11-годишното девојче, повреди имаше и мајката.