
41 лице загина, а 40 се ранети при израелска воена операција извршена во текот на ноќта во Источен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство. Нападите биле фокусирани на градот Наби Шит и околните села во областа Балбек-Хермел.
Според извештаите, израелски командоси извршиле воздушен десант со четири хеликоптери во обид да ги пронајдат останките на воениот пилот Рон Арад, исчезнат од 1986 година. Војниците упаднале во заседа поставена од борци на „Хезболах“ и локални жители, по што израелската армија почнала масовно бомбардирање за да овозможи извлекување на своите сили.
Во меѓувреме, во блиското село Шместар во израелски воздушен удар загинаа шест лица, меѓу кои четири деца и една жена. Либанската новинска агенција ННА јави дека станува збор за цело семејство кое било убиено додека се обидувало со возило да побегне од зоната на борбените дејствија.

