
Македонија бележи континуиран раст на сообраќајните незгоди и бројот на настрадани лица, според последните податоци на државната статистика. Во последните четири години се регистрирани повеќе од 17.000 незгоди и над 27.000 повредени или загинати, што ја става безбедноста на патиштата како еден од најзначајните предизвици. Во овој контекст, државата ја воведува најобемната и најкомплексната автоматска контрола на сообраќајот – системот „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи прашање дали технологијата може да го прекине растечкиот циклус на несреќи.
Според податоците од Државниот завод за статистика, бројот на сообраќајни незгоди во 2021 година изнесувал 4.069, а во 2022 година благо се намалил на 3.952. Меѓутоа, веќе следната година бројот повторно расте на 4.274, а во 2024 година достигнува 4.526. Паралелно со тоа, се зголемува и бројот на настрадани лица. По намалувањето во 2022 година, кога биле регистрирани 6.420 настрадани, во 2023 година бројката се искачува на 7.105, а во 2024 достигнува 7.298 лица.
Тоа претставува зголемување од речиси 900 лица за само две години. Особено загрижувачки е растот на бројот на загинати. Додека во 2021 година животот го загубиле 116 лица, во 2022 година бројката се зголемува на 124, во 2023 достигнува 127, а во 2024 бележи рекорд – 142 жртви. Најголем дел од нив се возачи – 85, следуваат 33 патници и 24 пешаци. Иако бројот на загинати пешаци благо опаѓа, загубите меѓу возачите се највисоки во последните четири години. Раст бележат и повредите. Во 2021 година биле 6.659 повредени, а во 2022 се намалуваат на 6.296. Меѓутоа, во 2023 година се зголемуваат на 6.978, а во 2024 достигнуваат 7.156 повредени. Сумирано, последните две години покажуваат јасен и континуиран раст на бројот на незгоди, повредени и загинати. Во одговор на оваа состојба, државата го стартува најкомплексниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“. Системот користи стационарни и мобилни камери, радари, интеграција со бази на податоци и автоматско креирање записници. Прекршоците како недозволена брзина, минување на црвено, нерегистрирани возила и непрописно паркирање се евидентираат дигитално, а известувањата и платните налози ќе се испраќаат електронски, со попуст при навремено плаќање. Пробниот период на „Безбеден град“ започна на 1 декември 2025 година.
Според Министерството за внатрешни работи, во првиот ден системот регистрирал 110.000 прекршоци во рок од 24 часа, додека на 2 декември бројот паднал на 50.652. Од нив, 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за минување на црвено светло и 425 за нерегистрирани возила. Овие податоци покажуваат дека системот има потенцијал да документира и санкционира илјадници прекршоци дневно, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.


