Утрински Весник
Балкан

Над 157.000 Грци се пријавиле за поштенско гласање на евроизборите

20240429090016 Big 730x400 49.webp.webp

За гласање преку пошта на претстојните европски избори на 9 јуни се пријавиле над 157.000 грчки граѓани, од кои мнозинството, односно 116.000 живеат во Грција, а останатите се од дијаспората, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ.

Гласањето преку пошта за првпат ќе се спроведе на претстојните евроизбори, а имаат право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство.

Според податоците што ги објави АНА-МПА, интересот за новиот начин на гласање е висок кај сите старосни групи, додека пак од дијаспората се пријавиле граѓани кои живеат во 115 земји,

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта. 

Избирачкиот материјал, по пошта ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите. 

Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл. 

Можете да прочитате

Хрватска ќе носи закон за криптовалути

Вучиќ: Србија мора постојано да има енергија

Огромна змија снимена кај Мостар