Националната галерија на Република Северна Македонија учествува во програмата со наслов „Отворен град“, која е во организација на Владата на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на државниот празник 8 Септември – Денот на независноста, по повод 32 години од независноста со слоганот: „8 Септември – Гласник на слободата“.
Покрај многубројните настани, Националната галерија како учесник од програмата ги отвора вратите на трите објекти со следната културно-уметничка понуда:
Даутпашин амам
Избор ликовни дела од колекцијата изложени како „Трајна поставка XIV-XX век“
Трајната поставка е сместена во Националната галерија на Македонија, основана во 1948 година и е една од најстарите ликовни институции во Република Македонија. Сместена е во културно-историскиот споменик на исламската профана архитектура, кој го изградил Даут-паша во втората половина на 15 век.
Националната галерија со својата постојана поставка го потврдува своето стожерно место во македонската ликовна уметност, како средиште и како вредносен супстрат, кој им се претставува на увид на домашната и странската јавност.
Чифте амам
ВЕТАР ПАРАКЛЕТ – Самостојна изложба на Димитрие Дурацовски
На галериската сцена во Чифте амам може да се види творештвото на исклучителен автор – уметник во доменот на ликовното творештво и пишаниот збор. Димитрие Дурацовски како сликар уметник речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност.
Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Република Северна Македонија.
„Мала станица“
Изложба на Мирчо Матевски-Рисимкин „Средба со историјата: една слика – една приказна“
Мултимедијалниот центар е место каде што може да се видат делата на Матевски-Рисимкин и да се препознае неговата вљубеност во историјата. Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, татко му, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство МатевскиР-исимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот.
На 8 Септември сите објекти се отворени за посетителите во рамките на работното време од 10 дд 18 часот, а влезот е бесплатен.