Утрински Весник
Спорт

Најскромниот фудбалер на светот му го донесе трофејот на Сити во ЛШ: Живееше во студентски дом и возеше „корса“

Најскромниот фудбалер на светот му го донесе трофејот на Сити во ЛШ: Живееше во студентски дом и возеше „корса“

Шпанецот Родри беше стрелец на единствениот гол со кој Манчестер Сити го победи Интер (1:0) и за првпат во клупската историја ја освои Лигата на шампионите. Иако е херој на тимот на тренерот Пеп Гвардиола, шпанскиот играч за врска ја критикуваше сопствената игра во финалето.

dobivaj vesti na viber

„Не сум задоволен од она што го покажав во првото полувреме. Сепак, си реков дека морам да ја надминам ситуацијата. На крајот успеав да постигнам гол, неверојатно”, изјави Родри.

Оваа изјава не е невообичаена за фановите кои ја следат кариерата на Родри од самиот почеток. Шпанецот со години го нарекуваат најскромниот фудбалер на светот.
Родри заработува повеќе од 13 милиони евра годишно, што го прави шести најплатен играч во соблекувалната на Сити преполна со ѕвезди. Но, тој не се смета за ѕвезда. Или барем не се однесува така.

Родри нема Инстаграм, Твитер, Фејсбук или други социјални мрежи, каде што може да се најдат само фан страници кои го следат неговиот живот, кој е толку целосно приватен.

Фудбалскиот пат на Родри започна во шпанскиот нисколигаш Рајо Мајадахонда, од кој во 2007 година замина во Атлетико Мадрид. Тој помина шест години во Атлетико пред да се пресели во Вилјареал како слободен играч. И покрај недостатокот на време поради спортските обврски, Родри заедно со фудбалот студирал и економија.

Тој потпиша голем договор со Вилјареал, но одби да се пресели од својот дом во луксузен стан што може да си го дозволи. Наместо тоа, живеел во студентски дом.

„Самиот факт што секој ден гледате некој толку познат и популарен во студентскиот дом, во редот за храна, изненади многумина. Тој е таков, сосема обичен, како и другите студенти. Времето го поминува со пријателите, многу е љубезен за сите. Не сака да привлекува внимание бидејќи игра фудбал“, изјави неговиот пријател Валентин Енарехо пред неколку години.

Покрај тоа, како член на Вилјареал, шпанскиот прволигаш, Родри возел половна „Опел Корса“ што ја купил од една повозрасна госпоѓа.

Во Вилјареал го докажа својот талент на 84 натпревари, а Атлетико Мадрид го врати. Во 2018 година клубот од Мадрид плати 20 милиони за играч кој го имаше во својата академија.

„Кога потпиша за нив, тоа ми го кажа дури по неколку часа. Претгодно си греевме пица и разговаравме за некој испит што го чекаше“, раскажува Енарехо.

Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, во него виде играч од средниот ред кој ќе биде основата на тимот во наредните години. Но, тој остана кратко во Мадрид. Замина веќе во 2019 година, кога пристигна поканата на Манчестер Сити.

„Граѓаните“ ја платија откупната клаузула од 70 милиони евра за Родри да си замине и да потпише договор со англискиот премиерлигаш. Ова го прави четвртиот најскап играч во историјата на клубот, зад Џек Грилиш (117,5 милиони евра), Кевин Де Брујне (76 милиони) и Рубен Диас (71,6 милиони). Но, неговиот животен стил и покрај огромната плата, не се промени премногу.



Можете да прочитате

Почна судскиот процес за изнуда на пари од Погба, меѓу обвинетите и неговиот брат

Навивачите на Баерн со порака за претседателот на ПСЖ

Манчестер сити испушти 3:0 над Феенорд и ја продолжи серијата без победа на шест натпревари