Утрински Весник
Свет

Најмногу привремено вработени во Европа има во Црна Гора, Холандија,Шпанија и Србија

Capture 1 7.jpg

Најголем број привремени договори во Европа има во Црна Гора (23,9 отсто), Холандија (19,8 отсто), Шпанија (17,7 отсто) и Србија (16,9 отсто). Ова се единствените земји во Европа каде што уделот е над 15 отсто, покажуваат податоците на веб-страницата „Ланџеист“. Оваа страница користеше официјална статистика на Еуростат, која покажува значителна разновидност низ Европа.

Во Македонија од вкупниот број вработени, според „Ланџеист“, 14,6% се привремени вработувања, а слично толку има и Португалија. Италија има над 13%, а над 12% имаат Хрватска, Франција и Финска. Шведска и Полска имаат над 11%, додека кај останатите земји во Европа бројките се едноцифренци.

-Неодамнешните бројки на Еуростат откриваат широк опсег, при што некои земји имаат помалку од пет проценти од својата работна сила со привремени договори, додека други надминуваат 20 проценти. Оваа варијабилност може да се припише на комбинација на фактори, вклучувајќи ги економските услови, динамиката на пазарот на труд и националните политики за вработување, се вели во анализата.

Се посочува и дека причините за популарноста на договорите за привремена работа се разликуваат и меѓу европските земји. Некои заеднички фактори вклучуваат економска структура, флексибилност на пазарот на труд и иницијативи за вработување на младите.

-Во земјите со силни сезонски индустрии, договорите на определено време нудат начин за управување со флуктуациите на побарувачката во одредени периоди. Во земјите со построги работни регулативи, овие договори обезбедуваат флексибилност за брзо прилагодување на промените во бизнисот. Дополнително, одредени земји спроведуваат привремени договори како дел од напорите да ја намалат невработеноста кај младите и да им обезбедат на младите рано работно искуство, се вели во анализата.

Најмал удел на привремени договори имаат балтичките земји и Романија и тоа Литванија (1,5 отсто), Романија (1,8 отсто), Летонија (2,2 отсто) и Естонија (2,5 отсто).

Еуростат ги дефинира вработените со привремен договор како вработени чие главно работно место ќе заврши или по однапред одреден период, или по период кој не е однапред познат, но сепак е дефиниран со објективни критериуми, како што е завршувањето на задачата или периодот на отсуство на работникот кој бил привремено заменет. Концептот на договор на определено време важи само за вработените, а не и за самовработените лица – се наведува во анализата на овој сајт.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење