Утрински Весник
Свет

Најмалку седум загинати при уривање на карго-авион на „ЈупиЕс“ во Кентаки

20251105081003 big 730x400 84.webp.webp
Dik 300x250 mk

Најмалку седум лица загинаа во несреќа на карго-авион на „ЈупиЕс“ (UPS) во американската сојузна држава Кентаки, соопшти гувернерот Енди Бешир.

Тој предупреди дека бројот на жртви може дополнително да расте, а полицијата информира дека има и повеќе повредени. Причината за несреќата, што се случи во индустриска зона на периферијата на Луисвил, сè уште не е позната.

Според Федералната управа за авијација (ФАА), авионот McDonnell Douglas MD-11 полетал од аеродромот „Мухамед Али“ во Луисвил околу 17:15 часот (22:15 по Гринич). Само неколку моменти подоцна, леталото се урнало и избувнал голем пожар. Полицијата соопшти дека авионот паднал околу пет километри јужно од аеродромот.

Компанијата „ЈупиЕс“ потврди дека во авионот имало тројца членови на екипажот и дека во текот на ноќта ќе бидат прекинати операциите за сортирање пратки во нивниот најголем логистички центар „Ворлдпорт“.

Авионот летал кон Хонолулу на Хаваите. Снимки од местото на несреќата покажуваат ѕид од пламен и густ чад над зоната во која се наоѓале фабрики за рециклирање и делови за автомобили.

Двајца работници сè уште се водат како исчезнати, а пожарникарите пребаруваат низ урнатините. Дел од областа е под наредба за засолнување. „Ситуацијата е сериозна“, објави Бешир на платформата Икс, најавувајќи дека патува кон Луисвил.

Аеродромот е затворен, а сите летови кон и од Луисвил се привремено суспендирани. 

Можете да прочитате

Хакерски напади врз белгиските телекоми „Проксимус“ и „Скарлет“ 

Германија го забрани муслиманското здружение Интерактив, се вршат рации и заплена на средства

Поранешниот еврокомесар Дидие Рејндерс официјално осомничен за перење пари