
Најмалку едно лице загина кога денеска автомобил влета во толпа луѓе во германскиот град Манхајм, јавија германските медиуми. Според „Mannheimer Morgen“, автомобилот со голема брзина се движел низ центарот на градот пред да удри во толпа луѓе, при што едно лице загина.
Во тек е голема акција за одговор при итни случаи, а голем број полицајци се присутни во центарот на градот. Според информациите од новинарите на местото на настанот, мостовите кон Лудвигсхафен биле блокирани од тешко вооружена полиција, пренесува „Манхајмер Морген“.
Полицијата ги повика граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот поради тековната полициска акција. Според првичните информации, црн теренец со голема брзина удрил во луѓето. На терен се бројни полициски патроли и спасувачки екипи. Во моментов се проверува дали се работи за напад или несреќен случај.
Медиумите јавуваат дека едно лице лежи под церада на местото на настанот. Снимките на социјалните мрежи покажуваат голем број полицајци на улица, додека некои луѓе лежат на улица.