Утрински Весник
Свет

Најмалку 27 лица загинаа во снежното невреме во Њујорк

Најмалку 27 лица загинаа во снежното невреме во Њујорк

Силната снежна бура што ја парализира западната држава Њујорк за време на божиќниот викенд уби најмалку 27 лица, соопштија во понеделникот локалните власти, додека комуналните претпријатија се мачеа да го ископаат снегот што ги окова возилата и домовите.

dobivaj vesti na viber

Шерифот на округот Ири, Марк Полонкарц, чие седиште е во Бафало, во понеделникот изјави дека бројот на смртни случаи поврзани со невремето во округот се зголемил за 14 во текот на ноќта вклучувајќи ги и луѓето пронајдени во снежните наноси во своите автомобили или кои починале од проблеми со срцето поради ветерот и снежните наноси.

Пријавени се повеќе смртни случаи, рече Полончарц, но окружниот лекар се обидува да утврди дали тие директно им се припишуваат на временските услови.

Според NBC News, најмалку 60 луѓе, вклучително и загинатите во сообраќајни несреќи, загинале во целата земја поради последиците од временските услови и арктичкиот студ, што го погодија поголемиот дел од САД во текот на викендот.

Снежната бура во областа Бафало, вториот по големина град во државата Њујорк, се смета за најлоша во последните 45 години, каде што, на пример, на тамошниот аеродром во понеделникот наутро беа измерени 127 сантиметри снег.

Неколку продавници, кои беа затворени со денови, беа повторно отворени во понеделникот, при што луѓето мораа да пешачат повеќе од 1 километар низ непроодни улици за да стигнат до нив, објави „Ројтерс“.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека бурата ќе остане запишана во историјата како „снежна бура бр. 22“, рангирана како најлоша снежна бура од 1977 година кога загинаа 30-ина луѓе.

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот на „Твитер“ објави дека разговарал со Хочул и дека неговата администрација ќе помогне да се покријат големите трошоци поврзани со спасувањето и закрепнувањето од невремето.

„Моето срце е со оние што ги загубија своите најблиски овој празничен викенд“, напиша Бајден.

Стотици членови на Националната гарда во понеделникот им помогнаа на локалните служби за итни случаи и на полицијата во спасувањето и помагањето на луѓето заробени во домовите и автомобилите.

Полицискиот час сè уште беше во сила во Бафало во понеделникот, на илјадници луѓе во округот Ири им беше вратена струјата, но не и на речиси 14.000 корисници на електрична енергија во државата, пренесуваат светските медиуми.

Можете да прочитате

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата