Утрински Весник
Свет

Најмалку 16 лица загинаа во две одвоени сообраќајни несреќи во Турција

Soobrakajka.webp.webp

Најмалку 16 лица загинаа, а повеќе десетици се повредени во две одвоени сообраќајни несреќи кои денеска се случија во близина на Анталија, кога се преврте патнички автобус, и во провинцијата Бурдур, каде што директно се судрија два автомобила.

Во тешката сообраќајна несреќа во турската провинција Анталија, кога патнички автобус излета од патот и се преврте откако возачот не успеал да ја совлада кривината, загинаа најмалку девет лица со голем број повредени, соопштија локалните власти. Повредените се пренесени во околните болници, меѓу кои е и Градската болница во Анталија.

Министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, соопшти дека по повод несреќата е покрената истрага и дека се именувани еден заменик главен обвинител и двајца јавни обвинители, пишува турскиот „Хуриет“.

Гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин, изјави дека во моментот на несреќата временските услови биле лоши, со дожд и магла, но нагласи дека станува збор за делница на која не е дозволена голема брзина.

Во друга тешка сообраќајна несреќа, на патот Анталија-Испарта, во провинцијата Бурдур, седум лица загинаа, а пет се повредени во директен судар на два автомобила. Според наводите на гувернерот на Бурдур, повредените се згрижени во болници, додека патот по увидот е повторно отворен за сообраќај.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека несреќите во Анталија и Бурдур утрово „длабоко ја потресоа нацијата“ и упати сочувство до семејствата на настраданите, со желби за брзо закрепнување на повредените.

Истрагите за двете несреќи се во тек.

Можете да прочитате

Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41 по смртта на тинејџер во болница

Новата рунда трилатерални преговори со Русија и САД ќе се одржи на 4 и 5 февруари во Абу Даби

Трамп: Најновите документи за Епстин ме ослободуваат од обвинувањата