Експерт за кибер безбедност изјави дека податоците на повеќе од 300 мексикански новинари биле објавени на интернет, пренесуваат странските агенции.
Според Виктор Руиз, основач на компанијата за кибер безбедност СИЛИКН, тоа се новинари кои присуствувале на дневните прес-конференции на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор. Експертот тврди дека информациите за нив доаѓаат од базата на податоци на Претседателството.
Протекувањето на податоците предизвика загриженост кај поборниците за слобода на медиумите.
„Една од датотеките објавени на интернет содржеше список со адреси на луѓето и целосни имиња“, рече Руиз.
Списокот беше објавен на форум каде хакерите тргуваат со бази на податоци. Во случајот на новинарите, пак, пристапот до објавените информации е бесплатен.
„Претседателството беше информирано, но се чини дека нема реакција“, додаде експертот за кибер безбедност.
Невладината „Член 19“, која се бори за слобода на изразување, на социјалната мрежа Х соопшти дека од повеќе извори добила потврда за протекувањето на податоците.
„Со оглед на фактот дека Мексико е една од најсмртоносните земји за новинарите, со 163 убиени и 32 исчезнати новинари, протекувањето не само што го загрозува достоинството и приватноста на засегнатите новинари, туку и нивната физичка безбедност“, посочи невладината организација.
Мексиканскиот национален институт за пристап до информации објави истрага за наводното истекување на податоци, повикувајќи се на законот за заштита на личните податоци.