Според Деловникот на Собранието, министрите од ДУИ кои поднеле оставка, треба да бидат разрешени на наредната седница на Собранието, објасни професорката, Мирјана Најчевска.
Таа се осврна на членот 219 и членот 220 од Деловниот на Собранието кој што гласат:
Член 219
(1) Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.
(2) Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи.
(3) Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата.
(4) Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.
(5) Оставката на член на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците.
Член 220
Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.
Најчевска заклучува дека оставката не се поднесува до претседателот на Владата (премиерот) туку до претседателот на Собранието, а премиерот само ја трансферира оставката на членот на Владата.
„Нема никакви условувања ниту пак расправа за оставката на член на Влада. Едноставно претседателот на Собранието ја става на дневен ред на наредната сеница и членот на Владата е разрешен. Не знам што си замислуваат тие од ДУИ ама во државата највисок орган на управување пред кој се одговорни како министри е Собранието, а не Али Ахмети. И Собранието едноставно сега треба да ги разреши од должност“, вели Најчевска.
Додава дека јасно оти законодавецот кој на други места дозволува различни правни модалитети овде не дозволил свесно играње со демократијата.
Значи, ако поднеле оставка треба да бидат разрешени на наредната седница на Собранието, заклучува професорката.