Интернет измамите стануваат сè порафинирани и сложени со секоја измината година, а 2024 не е исклучок. Со порастот на дигиталната трансформација и зголемена употреба на интернет, ниту Македонија не е имуна на овие закани.
Измамите се вешто обмислени, па корисниците, дознаваат дека се измамени дури откако од сметката ќе им се одземе значителна сума на пари.
Постарите лица, кои доцна се запознаваат со интернетот се најчесто и најранливата група на корисници, па оттука овие лица треба да бидат особено внимателни при користењето на одредени сервиси и апликации.
Во продолжение, ги издвојуваме некои од најчестите интернет измами кои се актуелни во Македонија оваа година:
1. Фишинг измами преку електронска пошта и СМС пораки
Фишингот останува една од најраспространетите интернет измами во светот, вклучувајќи ја и Македонија. Во 2024 година, измамниците стануваат се попаметни со своите техники. Фишинг пораките често изгледаат како легитимни пораки од банки, поштенски услуги или други познати институции, кои ги повикуваат корисниците да кликнат на линк и да внесат лични податоци, како што се број на сметка, лозинка или ПИН код.
Вакви обиди преку СМС пораки се честа појава во Македонија а како нивен наводен испраќач се наведени Македонски пошти.
2. Измами со лажни веб-продавници
Со зголемувањето на онлајн купувањето во Македонија, лажните веб-продавници станаа чест метод за измама. Овие страници често нудат производи по неверојатно ниски цени или лажат дека се реномирани брендови. Откако корисниците ќе направат купување, производот никогаш не пристигнува, или пристигнува евтина имитација.
3. Бизнис е-пошта компромис (BEC)
Овој тип на измама е насочен кон бизнисите и организациите, при што хакерите се претставуваат како извршни лица или доверливи партнери и бараат итни трансфери на средства или ослободување на доверливи информации. За измамниците ,ова е една од најпрофитабилните измами, која бара и високо ниво на прецизност и планирање.
4. Измами со криптовалути
Интересот за криптовалути продолжува да расте во Македонија, а со тоа и бројот на измами поврзани со нив. Најчестите измами вклучуваат лажни инвестициони шеми, Понзи шеми, и измами со лажни размени на криптовалути. Измамниците често користат социјални мрежи за да привлечат жртви со ветувања за брза заработка.
„Пиши ми во ДМ“, „Контактирај ме и се ќе ти објаснам“ се повиците со кои измамниците ги намамуваат жртвите. Жртвата вложува одредена сума на пари или криптовалути кој брзо се „множи“ но за да се повлечат средствата на крајот жрвтата мора да уплати дополнителен износ, често пати и повисок од превидената „добивка“ па на крајот не само што нема профит, туку и вложените средства пропаѓаат.
5. Измами со техничка поддршка
Оваа измама вклучува добивање телефонски повици или пораки од наводни технички експерти од реномирани компании како Microsoft, кои велат дека компјутерот на корисникот има вирус или друг проблем. Целта е да се добие пристап до компјутерот на жртвата или да се побараат пари за “услуги” кои не се потребни.
6. Измами со лажни апликации и софтвер
Лажни апликации и софтвер кои изгледаат како легитимни програми или игри се користат за да се крадат лични податоци или пари. Овие апликации често се распространуваат преку неофицијални продавници за апликации или преку линкови на социјалните мрежи.
Плинко е еден таков пример, односно андроид игра која ветува брза заработка, но на крајот „играчите“ остануваат без вложените средства.
7. Измами на социјалните мрежи
Измамите на социјалните мрежи се исто така во пораст во 2024 година. Овие измами може да вклучуваат лажни профили кои се претставуваат како блиски пријатели или роднини во неволја и бараат итни пари, лажни наградни игри и конкурси, или шеми за брзо збогатување.
Како да се заштитите од интернет измами?
- Бидете внимателни со електронската пошта и СМС пораките. Не кликајте на линкови од сомнителни пораки и секогаш проверувајте ја автентичноста на пораката со контактирање на институцијата преку официјалните канали.
- Користете силни лозинки и двофакторска автентикација. Ова значително го намалува ризикот од компромитирање на вашите сметки.
- Проверете ја автентичноста на веб-страниците. Купувајте само од познати и доверливи веб-продавници.
- Бидете информирани за најновите видови измами. Познавањето на најчестите измами е првиот чекор кон нивно избегнување.
- Инсталирајте антивирусен софтвер и редовно ажурирајте го вашиот оперативен систем.
Интернетот е многу корисна алатка, но истовремено може да биде и опасно место доколку не се преземат соодветни мерки за заштита. Останете информирани и внимателни, и ќе ги намалите шансите да станете жртва на интернет измама.