
Денеска во касарната „Боро Менков“ – Куманово со свечена церемонија се одбележаа 26 години од формирањето на мултинационалната бригада SEEBRIG како дел од Процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM) – две клучни иницијативи кои го зацврстуваат регионалниот одбранбен дијалог и безбедносната соработка во Југоисточна Европа.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање пред присутните високи претставници од земјите-членки, меѓу кои и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генерал Георгита Влад, нагласи дека SEEBRIG како една од најуспешните проекти во рамки на SEDM, во изминативе 26 години се докажа како најдобар инструмент за меѓусебно разбирање и развој на капацитетите на земјите членки.
„Работејќи заедно, рамо до рамо во регион кој секогаш се стреми кон мир, сигурно можеме да бидеме уште поефикасни во обезбедувањето безбедност и просперитет за нашите граѓани“, рече Мисајловски. Тоа што во изминативе пет години Командата на Бригадата на Југоисточна Европа е лоцирана во Куманово, додаде тој, е јасен показател за нашата цврста верба во регионалната соработка која гради мостови и ги поврзува нашите вооружени сили.
Мисајловски истакна дека сите земји кои се дел од Бригадата имаат исти вредности –мир и просперитет, особено важно денес во време на геополитички промени и неизвесност. „Мораме да одиме напред, да продолжиме да ја градиме нашата отпорност, нашите капацитети и нашето заедничко разбирање. Ја градиме нашата подготвеност, како гаранција дека реалноста на денешницата ќе биде наша реалност утре“, потенцира министерот Мисајловски.
Министерот Мисајловски упати благодарност до Симона Кожакару за нејзината посветеност како досегашен Претседавач на Секретаријатот на SEDM и на Политичко-воениот управувачки комитет и му посака успех на амбасадорот Елефтериос Ангхелопоулос кој ќе биде на оваа позиција во наредните 2 години.
Бригадата на Југоисточна Европа беше формирана во 1998 година во Скопје, каде беше потпишан Договорот за формирање мултинационалната мировна сила Југоисточна Европа. Командата на Бригадата досега на ротациона основа беше сместена во Пловдив, Констанца, Истанбул, Трнавас, Лариса и Куманово. Во 2026 година командата повторно ќе биде лоцирана во Истанбул, Турција. Во текот на изминатите 26 години, Бригадата учествуваше во бројни мировни мисии, меѓу кои и во ISAF мисијата во Авганистан, каде ја презеде командата над Кабулската мултинационална бригада. Исто така, организирани беа 14 биенални вежби „Seven Stars“, кои се најзначајни во регионот и вклучуваат учество на повеќе од 200 војници од девет земји.