Утрински Весник
Македонија

МВР уапсени 13 лица за проституција, трговија со дрога и перење пари

Apsenje.jpg

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја координираше акцијата на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) и истражителите од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, во која беше разоткриено злосторничко здружување во западниот дел на Македонија. Во текот на акцијата, од слобода се лишени 13 лица, додека едно лице е недостапно на органите на прогонот. Претреси беа извршени на 17 локации во тетовскиот регион и Охрид, информираат од Обвинителството.

Групата, која одреден период била активна, се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога. Нелегалните приходи стекнати од овие криминални дејства, припадниците на групата ги прикривале преку перење пари и други приноси од кривични дела.

Главниот организатор на групата е 35-годишен жител од селото Боговиње, кој ги координирал криминалните активности во неколку угостителски објекти во селата Жеровјане, Горно Седларце и Охрид. Во овие објекти се наведувале на проституција девојки-странски државјанки, кои работеле како танчерки во стриптиз клубови. Неговиот брат, второосомничениот, бил одговорен за раководење со два од овие клубови, додека третиот осомничен управувал со стриптиз клубот во Охрид.

Четвртиот осомничен бил задолжен за организирање на патувањата на девојките до Македонија и нивниот престој, а истовремено давал насоки за криминалните активности на другите членови на групата. Петмина други членови биле задолжени за обезбедување и продажба на дрога, најчесто кокаин, во угостителските објекти. Еден од нив посебно се ангажирал за предупредување при полициски контроли, следејќи го движењето на полицијата.

Двајца од осомничените биле задолжени за регрутирање девојки за стриптиз клубовите. Тие ги наоѓале девојките преку контакти во странски земји и веб страници, а организирале и нивен влез во Македонија со фалсификувани документи за легален престој.

Во криминалната мрежа биле вклучени и две службени лица – затворски службеник од Тетово и полицаец од истото место, кои ја предупредувале групата за полициски акции и вршеле влијание за олеснување на прекршочни постапки.

По повеќемесечна координација, истражителите од ОЈО ГОКК и припадниците на МВР детално ги документираа активностите на секој член од групата. Јавниот обвинител поведе истрага за кривични дела „Злосторничко здружување“ од чл. 394 и „Посредување во вршење проституција“ од чл. 191 од Кривичниот законик. Тројца од осомничените се товарат и за „Перење пари“ според чл. 273, а петмина се обвинети за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ од чл. 215.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија при Основниот кривичен суд во Скопје, а јавниот обвинител ќе побара мерка притвор за сите инволвирани.

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?