
Управните служби при Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните навремено да ги подигнат своите готови лични документи.
Благодарение на реорганизацијата и зголемениот капацитет, управните служби моментално работат со максимална ажурност и ефикасност. Процесот е целосно оптимизиран и овозможува брзо и едноставно закажување на термините за фотографирање, минимално време за чекање пред шалтерите и експресно изготвување на документите во законски предвидениот рок (па дури и порано).
Пред нас е период кога традиционално се зголемува фреквенцијата во управните служби поради годишните одмори и пристигнувањето на нашите сограѓани од дијаспората.
Со навременото подигнување на вашите готови документи уште сега, директно придонесувате да се задржи овој брз и ефикасен ритам на работа и спречувате создавање на непотребни гужви и долги редици во пресрет на летниот период.
Ве повикуваме да ја проверите важноста на вашите документи и доколку веќе сте се фотографирале, да ги подигнете вашите документи.
Нашите служби ве очекуваат а навремената реакција е во интерес на сите нас.


